Желката и полжавот
За 10 години нашата економија реално пораснала само за околу 24,5%. Тоа е само она што била реална новосоздадена вредност на повеќе производи и услуги
За 10 години нашата економија реално пораснала само за околу 24,5%. Тоа е само она што била реална новосоздадена вредност на повеќе производи и услуги
Во време на СФРЈ, многу храбро за тоа време, некои од либерално–реформаторските економисти критикувајќи ги постојаните пропагандни статистичките успеси на тогашната самоуправна економска власт, излегоа со изреката „статистика наша дика, шта пожелиш то наслика“. Некои понатаму знаат да кажат дека постои лага, поголема лага и статистика.
Во принцип, доколку нема смислени фингирања на податоците од страна на администрацијата во статистичките институци, статистиката е сосема егзактна. Проблемот настанува само ако поради незнаење или со интенција, нејзините резултаи се стават во девијантна функција на некоја комерцијална, социјална, политичка или друга цел. Без да се знае многу од економија, статистика или математика анализите се многу едноставни доколку не влегуваме во нив со предрасуди. Предизвиканите дебати овие денови тука би ги свеле на тоа дека ние се расправамe дали „желката е многу побрза од полжавот“.
Прво за реалниот раст на БДП. Сосема кратко, БДП е збир на сите производи и услуги кои една економија дома ќе ги продуцира во текот на една година. Многу упростено, ако минатата година тие биле 100, доколку следната година се над 100, на пример 103, таа држава има реален раст на БДП од 3 проценти. Ако произведе 97 единици, има негативен раст од -3%.
Што за ова покажуваат податоците за последните 10 години опфаќајќи ги од 2017. заклучно со 2026 -та (со тековниот прогнозиран раст од околу 3,2%). Кумулативно, нашата економија за 10 години има реален раст од само 24,51 отсто. Значи, ако во 2017 сме продуцирале 100 единици производи и услуги, во 2026 ќе продуцираме 124,5. До овие 24,5% ќе стигнете така што стапките на раст од 2017 би ги множеле со секоја наредна годишна стапка на раст. Во 2017 таа е 1,1% (1,011), помножено со 2,9% во 2018 (1,029) и така до 2026 кога ќе стигнете до резултат 1,245, односно кумулативно раст од 24,5 отсто.
Многу подобар податок секако би било да зборуваме за просечниот реален раст во овие 10 години. Доаѓаме дека тоа е 1,022, односно просечно годишно сме растеле во овие 10 години со 2,2 проценти. (доколу ги елиминираме екстремните ковид 2020 кога имаме реален негативен раст од минус 4,7% , па потоа во 2021 раст од 4,5% поради претходната ниска база, просечниот раст би бил 2,7%).
За да имате предвид за каков ползечки раст зборуваме, користете го правилото 72. Кога бројот 72 ќе го поделите со одреден годишен процент на раст или каматна стапка, резултатот ќе ви покаже коклу години ви се потребни да го удвоите вашиот почетен БДП или сума која би ја вложиле ако зборуваме за камата или принос. Нас ќе ни се потребни 32 години за со оваа стапка го удвоиме нашиот БДП. Или уште посликовито околу тоа за какви минорни стапки на раст се расправаме ќе ви покаже следниот податок. Дури и ако продолжиме со стапките на раст од 3%, кои еве нека се во моментов најдобри во Европа, и ако прифатиме дека прогнозираниот номинален БДП по глава на жител за 2026 ќе биде 10.100 евра, нас ни се потребни над 50 години да го постигнеме просекот на БДП пер капита во ЕУ, доколку ЕУ целосно стагнира во тој период. Ако случајно растат со 0,5%, ќе ни требаат векови.
Она што можеби сега би станало многу поопипливо за кој било читател кому овие релативни бројки не му значат премногу е номиналниот БДП. Тоа е вредноста на сето она што една економија го произведува во текот на една година по тековните цени во таа година. Овој податок отвора многу дебати бидејќи и покрај тоа што не е совршен, сите анализи за успехот или неуспехот на економијата се споредуваат како даден сооднос со номиналниот БДП. Ако го земеме истиот пероиод од погоре односно последнитте 10 години, номиналниот БДП во 2016 – та изнесувал 9,657 милијарди евра. Овој податок и сите наредни до 2025 година се преземени од ДЗС како претходни податоци. Она што сега можеме како најрелевантно да го користиме како номинален БДП за 2026 е проекцијата на МФ во табелата за јавен долг. Во последниот податок за вториот квартал стои дека јавниот долг изнесува 10,726 милијарди евра и е 58,8% од БДП за 2026. (забележувате дека тој е поголем од номиналниот БДП од пред 10 години). Со едноставна математика од тука, за 2026 – та номиналниот БДП би бил 18,241 милијарди евра. Кога вака би ги гледале бројките споредено со БДП во 2016, тој пораснал за речиси 89 проценти. Во принцип, номинално нашиот БДП речиси и да се удвоил.
Но, како што погоре покажа математиката покажа, во овие 10 години нашата економија реално пораснала само за околу 24,5%. Тоа е само она што била реална новосоздадена вредност на повеќе производи и услуги. Сето останато до овие благопријатни 89% е феноменот и моќта на инфлацијата. Во овој период од 10 години ние имаме кумулативна инфлација од 52%. Просечно околу 4% годишно. Во овие 10 години врз овие 18,241 милијарда евра двојно повеќе е придонесот на општиот раст на цените наспроти реалниот раст. Тука е и ефектот на тридеценискиот де факто фиксен курс и забранетата тема дали денарот е преценет. Кај нас не се знае дали е поголем ерес и кога ќе си поминеш полошо -ако кажеш дека не баш навиваш за Новак Ѓоковиќ или дека денарот апрецирал. Впрочем, на своја кожа тоа го осети и новиот гувернер на почетокот на мандатот.
Во целото погоре се вклопува и дебатата за јавниот долг, но за тоа е потребен сосема нов текст. Тука само би кажал два податоци извадени од табелата на МФ. Во последните 10 години јавниот долг на два пати надминува 60% од БДП. Тоа е во 2021, кога номинално се зголемува за 652 милиони евра и изнесува 60,3% од БДП. Вториот пат е ефектот на унгарскиот кредит во 2024 кога се зголемува за 1,143 милијарди евра и изнесува 61,4% од БДП. Двете бројки можат да се користат во дневно-политички цели, но во принцип не кажуваат многу. На светско ниво јавниот долг рапидно расте, но поголем проблем станува цената на неговото сервисирање.
Овој текст полн со бројки има за цел да објасни дека неопходно мора да се бара нов модел на раст кој ќе надмине стапки од најмалку 5%. Моделот со странски инвестиции и помали капитални проекти во патна инфраструктура е исрцпен и кај нас и во регионот. Непхходни се големи проекти од типот на Чебрен и Галиште можеби и нови рудници и дата центри, но без минимум политички и национален консензус, тоа ќе се сведе на дневна политика. До тогаш ќе трошиме време и енергија на оние ситни статистики кои ќе нѐ остават на дното на Европа независно кој после некој изборен циклус е желката или полжавот, и обратно.
(Кире Наумов е економист)