Мицкоски „призна“ дека го слушал Јовановиќ за долгот, но не и за буџетот, минималната плата…

„Во 2017 кога бев дел од Министерството за финансии буџетот беше 3,5 милијарди евра. Сега овој буџет е двојно поголем. Дали нешто во оваа држава се променило двојно подобро?“, изјави Јовановиќ


 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги коментираше согледувањата на економистот Бранимир Јовановиќ за задолженоста на земјата, односно за висината на каматите кои државата ги плаќа за земените кредити. Мицкоски ги оцени изјавите на Јовановиќ, кој пред два дена имаше интервју за порталот „Рацин“, како признание дека владата во која беше дел од тимот на тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски, ја презадолжила државата и како резултат на таквите политики сега се плаќаат многу повеќе пари за камати. 

„Дадено е интервју пред некој ден за медиум што важи за близок до опозицијата, во кое советникот вели вака: Кога дојдовме ние во Министерството за финансии, заедно со тогашниот министер Тевдовски, каматите што ги плаќавме на долгот беа 120 милиони евра, a во 2026 година каматите што оваа Влада ги плаќа се 350 милиони евра. Значи, самиот тој признава дека за трипати ги зголемиле долгот и обврските на оваа Влада. Тоа е нешто што претставува признание на отворена сцена од страна на поранешен висок функционер на владата на СДСМ и ДУИ, кој претходно беше во политичката партија Левица, па како голем финансиски експерт беше дел од тимот на министерот Тевдовски“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како го коментира интервјуто на Јовановиќ, поранешен висок функционер од СДСМ, во однос на задолженоста на земјата. 

Според Мицкоски , Јовановиќ „признава“ дека поранешната влада на СДСМ и ДУИ ѝ оставила долг на оваа Влада за кој до денес се плаќаат камати, односно дека „тој сам признал дека додека на власт била владата на СДСМ и ДУИ, за трипати ги имаат зголемено долговите и обврските, кои сега оваа Влада ги плаќа“.

„Јовановиќ на отворена сцена признава дека 2017 во споредба со 2026 година е три спрема еден во делот на каматите, а тоа е, како што вели, ‘долгот што го оставила тогашната влада – владата на СДСМ и ДУИ, и долгот што го плаќа оваа Влада, која го наследи од владата на СДСМ и ДУИ“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека нема да навлегува во, како што рече, „егзибициите на нивната фискална политика кога стануваше збор за прогресивните даноци, кога ја уништија буквално македонската економија.

„Нема да зборувам на темата солидарен данок, кој ние го враќаме, а кој тие буквално го ограбија од македонската економија. Еве тоа ќе го оставам на страна, тие се тие марихуана економски политики“, рече Мицкоски.

Инаку, Јовановиќ набрзо по заминувањето од министерството за финансии, ја продолжи кариерата во реномираниот Виенски институт за меѓународни економски студии, каде што активно учествува во следењето и коментирањето на економиите на земјите во регионот. Мицкоски денеска со доза на иронија и потценување за него рече дека „се портретира како голем економски експерт“ и нагласи дека ги следи економските теми „многу блиску“, а посебно оние кои што доаѓаат од опозицијата.

Јовановиќ е отворен критичар на политиките на актуелната Влада. Тој во интервјуто со уредникот Зоран Бојаровски зборуваше и за многу други теми, како за состојбите во Буџетот, за причините кои што доведуваат до иселување од државата… Мицкоски сепак, ја одбра за коментар само темата за задолженоста, сметајќи веројатно дека тука може да поентира. 

Јовановиќ во интервјуто меѓу другото ја критикуваше зголемената јавна потрошувачка. Зборувајќи на оваа тема, тој посочи дека сегашниот буџет е околу 7 милијарди евра, односно дека државата ќе прибере „шест и нешто милијарди“, а ќе потроши 7 милијарди, што значи дека ќе има буџетски дефицит.

„Во 2017 година кога бев дел од Министерството за финансии државниот буџет беше 3,5 милијарди евра. Тоа е како вчера. Овој буџет е двојно поголем од тој буџет тогаш. Дали нешто во оваа држава се променило двојно подобро, станало двојно подобро во овие седум-осум години? Ја мислам дека не“, рече Јовановиќ поистоветувајќи го буџетот со она што го правеле алхемичарите, коишто од ништо правеле нешто, но како што рече „нашиве политичари, посебно оваа гарнитура сега, се алхемичари, но обратни алхимичари“.
„Тие од нешто прават ништо, значи од тие 7 милијарди евра што е државниот буџет нема ништо, не прават ништо, практично ги испаруваат тие пари и тоа ми е мене главниот проблем со овој буџет“, изјави Јовановиќ.

Тој ја критикуваше и кампањата на Владата „Силно светнал ден“. Односно музичкиот карван по повод Денот на независноста, за што рече дека може да се критикува по многу основи, како на пример отсуството на пејачи од заедниците, отсуството на настапи во градови во западниот дел на државата, но најпроблематично е што не се знае колку пари се потрошени на тој караван и колку пари допрва ќе се потрошат и што добива народот од тоа.

„Тоа е само една илустрација за што се трошат државните пари. Се трошат на такви настани за коишто ние не знаеме ни колку ќе чинат и апсолутно немаат никаква општествена корист. Така што ако овие 7 милијарди државен буџет се потрошеа на болници, на инфраструктура, на образование, на култура, на паркови, дури на плати да ги зголемеа платите на учителките, докторките, докторите, јас ќе кажав супер, браво, меѓутоа за жал ја не гледам ништо такво“, вели тој.

Јовановиќ исто така рече дека минималните трошоци за едно четиричлено семејство за време на мандатот на оваа влада се зголемени за 9 илјади денари, а во истиот период минималната плата е зголемена за 3.500 денари, односно луѓето кои имаат минимална плата сега живеат полошо отколку пред 2,5 години.

Тој го повика Мицкоски конечно да ја објават потрошувачката кошничка која ја најавуаа.

„Нека ја објават таа нивна кошничка, па да зборуваме. Мицкоски се фалеше ‘ќе објавиме 10 кошнички’, за вакво семејство, такво семејство, на крај се повлече“, вели Јовановиќ, додавајќи дека тоа е веројатно затоа што (Мицкоски) сфатил дека ако објави некоја кошничка што е на пример 30.000 денари, сите ќе му скокнат ќе кажат „кај бе со 30.000 денари, иди ти живеј со 30,000 денари“.

Според Јовановиќ просечната потрошувачка на едно просечно домаќинство во Македонија е околу 90.000 денари месечно, односно повеќе од трошоците што ги објавува синдикатот.

 

„Според Заводот за статистика пред две години тоа беше 78,000 денари, во првиот квартал 2024 година. Значи во просек трошоците за едно домаќинство се зголемени за околу 12.000 денари. Значи уште повеќе од овие 9,000 што се зголемени на минималното семејство. Така што апсолутно животните трошоци се зголемени во Македонија во овие две години. Тоа е и според синдикатот, тоа е и според заводот за статистика. Растот на платите апсолутно не го следи тоа. Гледам сега премиерот нешто изнесува некои бројки. Растот на платите е сега бил не знам 325% повисок отколку што бил во времето на претходната влада. Тоа не е ни смешно. Тоа е апсолутен нонсенс“, вели тој и додава:  

„Ако навистина платите се зголемиле, нема да има потреба (Мицкоски, заб.) да го кажува тоа. Луѓето сами ќе заклучат дека платите се зголемиле, дека тие живеат подобро. Тоа што толку ‘напнува’ со растот на платите што пробува да се испере, тоа само покажува дека нема раст на плати, дека се живее полошо. И тој се обидува да го замаскира тој факт. Јасно му е, анкетите веројатно му покажуваат дека поддршката му паѓа, дека луѓето живеат полошо и тој се обидува на некој начин да каже еве ние правиме“, вели Јовановиќ, додавајќи дека сегашната влада е единствената што одбила на економско-социјалниот совет да ја покачи минималната плата.