Богаташи и робијаши

Имаме еден социјален или општествен феномен на презирање на богатите, најчесто со предрасуда дека никој тука не може да се збогати на чесен начин, со свој труд


Миодраг Зец, професор по економија од Србија, во едно свое интервју вели дека секоја власт во Србија има прво свои богаташи кои кога ќе дојде следната  власт по автоматизам стануваат робијаши. Дали ова непишано правило важи и за целиот регион и кај нас, ќе просудите самите.

Но, она за што мислам дека немаме дилема е фактот и дека после 35 години на прокламирана пазарна економија или колоквијално кажано капитализам, кај нас  сѐ уште е непристојно да си богат. Имаме еден социјален или општествен феномен на презирање на богатите, најчесто со предрасуда дека никој тука не може да се збогати на чесен начин, со свој труд или со најновата т.н. „креативна деструкција“ на нобеловците по економија од 2025.

Една од причините може да се бара во процесот на трансформацијата од социјализам во капитализам. Можеби еден од феномените е непостоењето или прекинувањето на традицијата или историјата на богати фамилии на овие простори кои пред сѐ се збогатиле преку свое претприемништво. Ние дури сега ја имаме првата генерација наследници на бизнисите кои се успешни од аспект на оплодување на почетниот капитал. Но, во тој почетен капитал е кваката.  

Оправдано или не, децениската сатанизација на приватизацијата апсурдно  користена како политичка алатка на десницата за обвинување за создавање на олигархија од страна на левицата, доведе до генерално прифатена криминализација на оние кои станаа доминантни сопственици. Тој генерализиран наратив како комбајн ги ожнеа во својот амбар на непристојно и нечесно богати луѓе и оние кои сакаат да кажат дека после 1990 година почнале т.н. гринфилд инвестиции, односно без да учествуваат во приватизацијата. Ретко кој од помладиве генерации знае или вооопшто сака да знае за таквите примери, туку едноставно ги става во графата транзициски богаташи.

Дел од богатите и успешни сопственици кај нас мора да признаат дека и самите се виновни за лепењето на овој лош имиџ.

„Само јас плаќам даноци. Секој ден имам инспекции. Ништо јас немам искористено…“ Претпоставувам дека секој барем еднаш слушнал вакви изјави во неформални разговори кои се прераскажуваат од маса на маса. Поентата е дека ако „само јас“, сите останати работат и се збогатуваа на нечесен начин.

Сепак вистинското прашање е дали постои системки проблем што остава и кај нас и кај сите помалку развиени земји ваков тип на општа генерална квалификација и жигосување на богатите поединци. Емпириските истражувања покажувааат дека земјите со силни и ефикасни економски институции се драстично побогати за разлика од оние кои немаат такви институции како земјите од Западен Балкан, Молдавија и Ерменија.

Добитниците на Нобеловата награда за економија за 2024 година (Аџемоглу, Џонсон и Робинсон), со емпириски показатели успеваат да диференцираат држави со инклузивни институции кои влијаат на забрзан економски раст и општ просперитет и држави со екстрактивни институции кои фаворизираат само актуелни политички и економски моќни елити. Кај овие вторите, речиси секогаш постои генерализирана негативна квалификација на богатите луѓе.

Некои автори од нашиот регион многу подетално ги разработуваат тезите и емпиријата на споменатите нобеловци. Според нив, сите индикатори покажуваат дека тесни одбрани елити имаат огромна политичка моќ, што доведува до неефикасни економски институции и тоа на два начина: директно, така што законите не се применуваат или дополнително се толкуваат, и индиректно, така што законите се менуваат во корист на политичките и бизнис елити.

Ова тнр. законско искривување на правилат на игра во корист на елитите станува широко препознаено какo владеење со правото (Rule by law) наспроти владеење на правото (Rule of law) кое спречува корупција. Уште поважно, вака искривените правила на игра во корист на моќните поилитичко-економски елити го спречуваат економскиот раст базиран на „креативна деструкција“ каде преку фер пазарен натпревар и загарантирани сопственички права, победуваат најефикасните, кои носат нови знаења, технологија и деловни модели. Меѓутоа, главни економски губитници од креативната деструкција би биле привилегираните фирми, што моќните елити ќе го спречуваат, и со тоа го спречуваат економскиот просперитет на државата. (П. Петровиќ, март, 2026).

За жал, оние кои научно ги третирале институциите и кај нас во последните 35 години, без исклучок ги квалификуваат повеќе како екстрактивни отколку инклузивни и тоа во цеиот период на самостојността. Со пароли или кампања дека неправедно се етикетираат успешните и богати поединци, нема да се смени ништо во општоприфатената перцепција. Само изградба или доизградба на институционална инфраструктура која ќе овозможи фер економски натпревар и тнр. креативна деструкција, а во која постоечките успешни и богати сепак ќе опстанат и растат, може да ја смени стигмата или предрасудата за нив.

(Кире Наумов е економист)