Во каков свет сака Македонија да живее

Македонските лидери сакаат да ги средуваат работите како тинејџери. Разбираат дека светот не е праведен; некогаш кон тоа гледаат амбивалентно, некогаш наклонето. Но еден ден треба и да се порасне


Можеби насловот на овој текст не е баш најпрецизен. Можеби треба да биде – во каков свет сака македонската власт да живее? Или – во каков свет сака да живее значаен дел од македонските граѓани? Или пак – во каков свет сакаме да живееме?

Во крајна линија, не се важни варијациите. Важно е дали разбираме што се случува околу нас. Има ли некакви морални координати според кои можеме да се раководиме. Има ли некои пошироки интереси на општеството кои би можеле да ни бидат стожер? Или интересите на оние што се на власт се тие што ја поплочуваат иднината, ги одредуваат пријателите, ја одредуваат близината на сојузниците и мислат само на моменталните придобивки.

Многубројна македонска делегација е на Генералното собрание на ОН. Не е важно дали брои 50, 60 или 30 лица. Веројатно е толкава колку што треба. Или колку што мислат првенците на власта. Ова Генерално собрание е меѓу поинтересните и повозбудливите во последниве шест-седум години. Не само поради војните (едната што ја води Русија во Украина, а другата на САД против Иран), туку поради тоа што мултилатераниот поредок, онаков како што постоеше со децении, крцка на сите страни и изгледа дека е прашање само на денот кога ќе се урне и во него малите земји (па дури и средните) може страшно да настрадаат. Некои мали земји, како Македонија, мислат дека ако може што повеќе да му се додворат на сегашниот жител на Белата куќа ќе можат да го избегнат неговиот гнев. И да најдат привремено сигурно засолниште.

Нема забуна. Доналд Трамп е националист. И македонските владетели се националисти. А тоа не е исто што и патриот. Орвел напиша дека „националистот, иако бескрајно размислува за моќта, победата, поразот и одмаздата, изгледа незаинтересиран за она што се случува во реалниот свет“. Данило Киш, пак, велеше дека национализмот „не поседува универзални вредности, ниту естетски ниту етички“.

Жртвата и насилникот

Неколку говори во пленарната сала на Обединетите нации можеби поставија одредени параметри за македонските власти за тоа во каков свет сакаме да живееме. Или можеби им значеше само еден – оној на Доналд Трамп. Македонија е мала земја, со неизвесна иднина, премногу оптоварена со своето минато, со многу заблуди кои се редат како монистра на ѓердан, која се жали на неподносливиот притисок од посилните соседи, од кои некои бараат нешто што не може да се даде. Но, жртвата ретко сака да се поистовети со друга жртва, затоа што таа ја потсетува на себеси. Често сакаш да бидеш со насилникот. Можеби не да учествуваш во неговите акти, туку едноставно да клечиш во неговата сенка, чувствувајќи се така сигурен.

Премиерот Христијан Мицкоски и министри од владата, беа на првиот ден од дебатата на Генералното собрание и ги слушаа овие зборови на Трамп искажани за Иран:

„Ги повикувам сите држави да помогнат во спроведувањето на целосната економска изолација на Иран. Ако останеме обединети, наскоро ќе видиме свет ослободен од заканата на иранскиот терор што трае веќе 51 година… а цените на нафтата ќе паднат дури и пониско отколку што беа на почетокот на конфликтот“.

Или ова: 

„Треба да донесам важна одлука: дали да се склучи договор со Иран што ќе им овозможи да се обноват и да создадат многу посилна земја од кога било претходно. Или да ја уништам Исламската Република и тоа да го направам брзо, без никогаш да им дадам шанса да убиваат или уништуваат луѓе и континенти?“

Се разбира, малите земји ретко ја имаат таа можност да имаат свое мислење за глобални прашања. Па дури и за војни од кои страда нивната економија.

Трамп повторно се претставуваше како миротворец. „Јас воспоставив мир“, изјави тој, тврдејќи дека „решил осум војни“. Сепак, реалноста е посложена.

Тој рече дека ја „завршил војната во Газа“. Всушност, и покрај „прекинот на огнот“, континуираните напади на Израел продолжуваат да го зголемуваат бројот на жртви. Трамп го спомена својот мировен план од 20 точки за Газа, без да напомене дека речиси ништо од него не е спроведено. Израел продолжува да убива Палестинци и да го блокира дотурот на неопходни залихи, додека Хамас не биде разоружан. Трамп тврдеше дека „придонел за мирот“ меѓу Руанда и Демократска Република Конго, без да напомене дека милицијата М23 од Руанда продолжува да окупира големи делови од источниот дел на ДР Конго. На Трамп тоа очигледно не му пречи, сè додека убиствената М23 го носи минералното богатство на регионот на западниот пазар.

Трамп ја нарече егзистенцијалната закана од климатските промени „измама“. Игнорирајќи ги огромните ризици што ги носи вештачката интелигенција, тој се обиде да ја преименува во „суперинтелигенција“ и ги исмеа напорите за нејзино регулирање како „глобалистички“.

Откако заврши 30-минутниот говор на Трамп салата ја напушти неговата сопруга Меланија. По неа веднаш замина државниот секретар Марко Рубио, а по нив македонскиот премиер. Од директниот пренос од пленарната сала на ОН се виде дека Христијан Мицкоски побрза да стане од местото од каде го следеше говорот на Трамп и речиси во чекор го следеше Рубио. Потоа заминаа и други државници од пленарната сала.

Во истиот ден кога Трамп говореше дека размислулавл каква одлука да донесе – дали да ја срамни со земја државата и народот чии корени се уште од антиката, македонската претседателка ги примаше акредитивните писма на новата чешка амбасадорка Ирена Гецова и и зборуваше дека имало правна, политичка и етичка неодржливост на толерирањето на непочитувањето на европските принципи и вредностите, утврдени во конститутивните акти на ЕУ. А ден подоцна му кажуваше на известувачот на Европскиот парламент, Томас Вајц, дека „членовите 4(2) и 4(3) од Договорот за Европската унија, во коишто се предвидени почитувањето на националниот идентитет, уставните и политичките структури и дека злоупотребата на ветото и билатералните условувања врзани со идентитетот, историјата и јазикот, се во судир со овие одредби“.

Во каков судир се заканите на Трамп со Повелбата на ОН за уништување на цела една држава и нејзиниот народ. Или таквите закани се за некој друг кој е многу далеку и тоа не е толку важно колку што се големи нашите маки.

Претстава за срам

Не знаеме дали премиерот Мицкоски го слушаше гворот на францускиот претседател Емануел Макрон подоцна во истиот ден кога зборуваше Трамп. Тој зборуваше за сосема друг свет од оној што го претставуваше американскиот претседател и рече дека „гледаме претстава од која би требало да се срамиме“, остро критикувајќи го мировниот план за Газа претставен како дипломатски триумф.

„Пред една година, токму во оваа сала, десетина држави ја признаа Палестина. Го слушам цинизмот на поединци: ‘Признавањето е само парче хартија; погледнете ја реалноста’“, рече Макрон, удирајќи со тупаница по говорницата.

„Но, каков кредибилитет имаме ако останеме пасивни пред она што се случува во Газа? Некои се фалат со наводен мир. Сепак, тој мир не го овозможи повторниот пристап до хуманитарна помош ниту за една секунда. Дали едноставно ќе стоиме настрана и ќе гледаме како се одвива оваа претстава од која сите треба да се срамиме?“, праша Макрон.

„Погледнете што се случува на Западниот Брег, каде што секојдневно се кршат правата. Во чие име? Хамас никогаш не дејствувал на Западниот Брег“, рече Макрон.

„Она што се случува таму од ден на ден го поткопува проектот што треба да се заснова на почитување на легитимното право на палестинскиот народ на постоење“, изјави францускиот претседател.

Макрон предупреди да не се дозволи глобално „враќање кон законот на џунглата“, наведувајќи дека нациите се соочуваат со избор помеѓу свет со кој владеат силата и принудата и „цивилизирано меѓународно општество“. „Наша должност е, повеќе од кога било, да застанеме зад Обединетите нации. Не можеме да прифатиме нов поредок на неказнивост каков што некои би сакале да изградат“, рече тој.

Хм, ова звучи толку хуманистички, дури и просветителски. Можеби на премиерот Мицкоски му се допаднале овие зборови и помислил и на неправдата кон нас. Можеби му се допаднаа и зборовите на иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, следниот ден кој во остар говор му возврати на Трамп: „Никогаш нема да ја наведнеме главата“, рече Пезешкијан, додавајќи дека земјата е „подготвена за дијалог“, но без закани. Тоа е слично со она што го зборува Мицкоски за проблемот со Бугарија.

Но работите не се секогаш еднозначни, или еднонасочни. Кога Макрон зборуваше дека не смееме да прифатиме поредок кој ќе се заснова на неказнивост, неговите дипломати го блокираа продолжувањето на санкциите на ЕУ против руски лица и ентитети водејќи се само од интересот на Париз.

Компромисот на силата

Истиот ден, во вторникот вечерта, земјите на ЕУ постигнаа постигнаа компромис за санкциите, продолжувајќи ги за три години мерките против речиси 3.000 поединци и компании поврзани со Русија, со исклучок на двајца на таа листа. Двајца олигарси – Алишер Усманов (кој има и азербејџанско државјанство) и Михаил Фридман.

Француските власти тврдеа дека во барањето Усманов да се тргне од листата на санкциите станува збор за прашање од „национална безбедност“, одбивајќи да дадат дополнителни детали. Извори изјавија за „Вашингтон пост“ дека барањето на Париз било поврзано со напорите за ослободување на двајца француски државјани од затворите во Азербејџан. И така и се случи. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев веднаш утредента потпиша указ за помилување на францускиот државјанин и бизнисмен Мартин Рајан. Според указот, опфатени се уште 19 лица – државјани на Азербејџан, Русија, Пакистан и Турција. Рајан, кој беше приведен во декември 2023 година, во Азербејџан беше осуден на 10 години затвор под обвинение за шпионажа за војската и собирање доверливи информации за француската влада. 

Покрај Рајан, во Азербејџан се наоѓа и Анас Дераз, висок менаџер во „Сор“, голема француска компанија специјализирана за управување со водни ресурси. Тој претходно беше осуден на 12 години затвор за наводно примање поткуп во 2018 година.

За исфрлање на Фридман од список на санкционирани се залагаа Луксембург и Словачка. Премиерот на Луксембург потврди дека неговата држава се залагала за отстранување на рускиот милијардер Михаил Фридман од списокот на ЕУ со санкции против Русија, наведувајќи дека постапиле во „силен национален интерес“ за да се „спречи штета по земјата“. Фридман покрена арбитражна постапка против Луксембург во 2024 година, барајќи отштета од 14 милијарди евра – што изнесува околу 16 отсто од годишниот БДП на Луксембург – поради замрзнувањето на неговиот имот во земјата откако тој беше ставен на списокот со санкции на ЕУ. Арбитражната постапка сè уште е во тек.

Светот навистина е комплициран, а интересите се како пајакова мрежа. Шпанија, на пример, најави дека ќе го блокира проширувањето на ЕУ доколку каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик не добијат статус на официјални јазици во Унијата. Тоа е повеќегодишно ветување на шпанскиот премиер Педро Санчез. Томас Бирн, ирскиот министер за европски прашања, рече дека главните градови ќе продолжат со преговорите со Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија и покрај приговорите на Мадрид. Прашањето за јазиците досега не било дел од работната програма на ЕУ за Црна Гора.

Секако дека има потреба постојано да зборуваме за неправедноста на оние за кои мислиме дека ја ценат праведноста. Но, како што велеше Хамлет – „Времето е изместено“. Ако македонските лидери мислат дека како Хамлет тие биле родени – или дошле на власт – за да го поправат тоа изместување, тие се најголемата можна заблуда. Тие зборуваат за иднината фрлајќи ја целата тежина кон минатото. Но, на начин што е целосно свртен кон себеси и лишен од каква било вистинска грижа за фактите. Тоа често изгледа како копнеж по минати моменти што можеби никогаш не се случиле. Тие го претставуваат минатото како огромна, магловита арена исполнета со нејасни споменици на националното страдање – сите тие подеднакво оддалечени од сегашноста и подеднакво погодни за манипулација.

Сето тоа изгледа како да нема возрасен во просторијата. Дека работите сакаат да ги средуваат тинејџери. А тие нема да можат да го направат тоа. Наједноставно за нив е да им се воодушевуваат на оние што ги гледаат како идоли. И затоа одговорот на прашањето во каков свет сака да живее Македонија, е многу комплициран за нив. Разбираат дека светот не е праведен; некогаш кон тоа гледаат амбивалентно, некогаш наклонето. Често сакаат да бидат во друштвото на најсилните во маалото. Но еден ден треба и да се порасне.

(Линк до текстот во Дојче веле овде)