Револтот на младите
Млади демонстранти излегоа на улиците во Франција, Индија, Србија... кревајќи глас против корумпираните естаблишмент-партии и економската нееднаквост. Но, нивните напори за подобрување на либералната демократија веројатно ќе бидат засенети од многу поорганизираните обиди на крајната десница да ја преземе власта
Политичките бунтови често доаѓаат во бранови. Како и идеологиите и верските убедувања, тие можат да бидат заразни.
Младите луѓе протестираат во многу делови од светот, на различни начини и од најразлични причини. Индиската „Партија на лебарките“ (Cockroach Janta Party) – движење иницирано онлајн од активисти и студенти откако претседателот на Врховниот суд наводно ги споредил невработените млади луѓе со лебарки и паразити – ова лето организираше успешни протести против нерегуларностите на испитите во високото образование. Набргу потоа, движењето ги прошири своите цели, вклучувајќи ги и барањата за фер избори, слобода на медиумите и права на жените.
Во Србија, студентско движење без лидер, кое бараше демократски реформи, на парламентарните избори минатиот месец ја собори власта што стануваше сè поавтократска. Во Франција, Италија, Албанија, Германија и на многу други места, младите се бунтуваат против владите што ги сметаат за окостенети, корумпирани и неспособни да се справат со растечката нееднаквост во богатството, ризиците од вештачката интелигенција, климатските промени и невработеноста.
Заедничко за овие бунтови е чувството на изневереност и убедувањето дека околностите се свртени против младите, кои веќе не можат да се надеваат дека ќе живеат подобро од своите родители. Всушност, многумина очекуваат дека ќе им биде и полошо. Тие сметаат дека денешните политички системи ги изневериле. Според зборовите на Гордон Браун, поранешниот британски премиер: „Самата либерална демократија сега е ставена на испит“.
Студентските протести од 1960-те години, барем во Западна Европа, изгледаат речиси разиграно во споредба со гневот што го чувствуваат многу млади луѓе денес. Парискиот слоган од мај 1968 година, L’imagination au pouvoir („Моќ на имагинацијата“), денес би бил незамислив. Живееме во поопасен свет.
Но, среде насилството и грабежите во Париз, полициската бруталност во Индија и молотовите коктели во Албанија, некои гледаат знаци на надеж. „Гардијан“ објави дека во Србија, по изборната победа на студентското движење, „заживува нов вид демократија“ – движење кое не е водено од заедничка идеологија, партиска организација или харизматичен лидер, туку единствено од желбата за поправедно општество со помалку корупција. Можеби во еден нов и подобар вид демократија, веќе нема ни да има потреба од политички партии.
Ако либералната демократија е ставена на испит, колку протестните движења ќе бидат ефективни во нејзиното подобрување? Политичкиот притисок од демонстрантите понекогаш може да доведе до посакувани промени. Падот на автократскиот националистички режим на српскиот претседател Александар Вучиќ е позитивна работа. Во Индија, „лебарките“ успеаја да го соборат министерот за образование. Француските студенти во мај 1968 година можеби не успеаја радикално да ја променат политиката, но го отворија патот кон поголема општествена и сексуална слобода.
Протестите во Соединетите Држави во 1960-те години помогнаа да се промени јавното мислење во корист на граѓанските права на црнците и против Виетнамската војна, но поновите движења, како „Окупирај го Волстрит“ (2011) и „Животите на црнците се важни“ (2013), не доведоа до значителни политички промени. За такво нешто се потребни политички партии и луѓе што ќе ги предводат. Движењето за граѓански права од 1950-те и 1960-те години немаше да постигне толку многу, доколку претседателот Линдон Џонсон не извршеше силен притисок врз Конгресот за да усвои закони за граѓански права.
Движењата им овозможуваат на луѓето да го изразат своето незадоволство и да се обединат околу одредени идеали, но тие не се најсоодветни за политичко пазарење. Токму за тоа служат партиите: тие застапуваат интереси, но и идеали. Движењата што сакаат да ги отфрлат партиите – гледајќи на нив како на хаотични, корумпирани пречки водени од личен интерес, кои го попречуваат остварувањето на идеалите – обично се длабоко недемократски, или барем нелиберални. Ваквите активисти не дозволуваат чистотата на нивните идеали да биде нарушена преку компромисите и преговорите својствени за демократската политика.
Уште една причина за претпазливост во однос на големите очекувања од младинските протестни движења е погрешното верување дека младите луѓе нужно се на страната на либерализмот и отвореноста. Да се потсетиме на изјавата што често, иако погрешно, му се припишува на Винстон Черчил: „Ако не си либерал на 25 години, немаш срце. Ако не си конзервативец на 35 години, немаш мозок“. Ако ова беше точно, тогаш би имало многу млади луѓе без срце. Лесно е да се заборави дека Хитлер имаше само четириесетина години кога дошол на власт. Повеќето од неговите главни соработници во нацистичкото движење беа уште помлади.
Додека илјадници млади демонстранти се на улиците, кревајќи глас против корумпираните естаблишмент-партии и економската нееднаквост, друга група од истата генерација се занимава со сосема поинаков вид политика. Екстремни идеи ги разгоруваат страстите кај младите мажи и жени во подмладоците на крајно десничарските партии. Во Европа, најуспешните лидери на овие партии – Џорџа Мелони во Италија, Јими Окесон во Шведска, Алис Вајдел во Германија, Жордан Бардела во Франција – и самите се релативно млади и, барем навидум, делуваат претставително. Ги нема веќе оние запуштени, стари екстремисти чии корени се во фашистичкото минато. Ова се дотерани, уредни професионалци.
И тие имаат свои идеали, кои воопшто не се либерални. Но, за разлика од многу млади активисти, тие се амбициозни и имаат апетит за власт. Либералната демократија навистина е ставена на испит. Сепак, таа е помалку загрозена од младите луѓе што протестираат на улиците, а повеќе од овие вешти демагози кои знаат како да организираат партии. Искористувајќи ги истите политички и економски стравови што ги поттикнуваат денешните демонстрации, тие би можеле да се покажат како поуспешни.
(Ијан Бурума е автор на бројни книги, меѓу кои се „Убиство во Амстердам: Смртта на Тео ван Гог и границите на толеранцијата“, „Година нула: Историја на 1945 година“, „Токиска романса: Мемоари“ и најновата, „Спиноза: Месијата на слободата“. Текстот е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)