Марта Кос: Црна Гора спроведе 94 отсто од реформите, Албанија 80, а Македонија поскромни 56 отсто

Поради тоа Албанија ќе добие 185,6 милиони евра, Црна Гора 81 милион, а Македонија е трета со 71 милион евра. Исплатите ќе бидат следната година


Марта Кос на состанокот за Планот за раст во Тирана

 

„Фронтранери“ не сме, како што тврди премиерот Христијан Мицкоски. Дури сме и подалеку од првите две земји кои спроведуваа реформи потребни за Планот за раст на ЕУ. Според реформите што се направени досега.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, денеска од Тирана ги презентира вистинските бројки, онака како што ги оценува Европската комисија, за реформите што се направени во Македонија, а не според постојаните толкувања на премиерот Мицкоски.

„Црна Гора има спроведено 94 проценти од предвидените реформи. Тоа е импресивен процент, па во следната рунда на исплати ќе добие 81 милион евра. Албанија има спроведено 80 отсто од предвидените реформи и ќе добие 185,6 милиони евра. Ова е четврта исплата. Северна Македонија има спроведено 56 проценти од предвидените реформи и ќе добие 71 милион евра“, рече Кос на заедничката прес-конференција со премиерот на Албанија, Еди Рама, по состанокот на лидерите на Западен Балкан посветен на Планот за раст што се одржа во Тирана под слоганот „Реформи, раст, интеграција – заедно кон Европа“.

Тоа значи дека Црна Гора, која има три пати помалку население (630 илјади) од Македонија ќе добие повеќе пари. Албанија која е малку поголема од Македонија (2,3 милиони жители), ќе добие 2,5 повеќе пари од Планот за раст. Нормално, поголемите пари се поради поголемиот број направени реформи. И поради тоа што Албанија и Црна Гора ќе добијат 15 отсто повеќе средства, а Македонија 10 отсто од оние кои беа наменети за Србија, Босна и Херцеговина и Косово, но не им се доделени заради недостиг на реформи.

Еврокомесарката посочи дека резултатите од спроведувањето на реформите во регионот се различни, при што три од земјите постигнале добар напредок, додека другите три не ги искористиле целосно можностите што ги нуди Планот за раст.

Таа додаде дека Планот за раст е замислен така што ќе ги наградува постигнатите резултати, а средствата што нема да бидат искористени ќе бидат прераспределени на оние што покажале подобри резултати.

„Црна Гора и Албанија ќе добијат по 15 отсто повеќе средства во рамките на Планот за раст. Процесот е веќе започнат, па исплатите ќе се реализираат следната година. Северна Македонија ќе добие дополнителни 10 проценти. Честитки – ова го заслуживте преку вашите реформски заложби“, рече Кос.

За Србија рече дека реформската агенда била договорена со претходната влада, која не ги спровела преземените обврски па Европската комисија не изврши никакви исплати за Белград. Таа нагласи дека сега постои можност за нов почеток со Србија, додавајќи дека претставниците на Студентската листа веќе добиле насоки за тоа како да се структурираат реформите со цел земјата да обезбеди пристап до што е можно повеќе средства.

Во однос на Косово, еврокомесарката рече дека формирањето на новата влада е можност за обнова на фокусот кон европскиот пат и надомест на пропуштеното во спроведувањето на реформите. Босна и Херцеговина, пак, како што кажа, сè уште треба да ги ратификува потребните договори за да се стекне со право за финансирање преку Планот за раст. Таа предупреди дека без напредок, би можела да ги загуби сите предвидени огромни една милијарда евра.

Во обраќањето во Тирана, Кос се осврна и на постепената интеграција во Европската Унија, посочувајќи дека земјите од регионот ќе добиваат повеќе можности за пристап до единствениот европски пазар и пред полноправното членство. Меѓу приоритетите ги посочи енергетиката, транспортот и дигитализацијата и можноста за порано вклучување на претставници од земјите кандидатки во одредени европски институции.