Чупиќ на самитот во Охрид: „Овој регион ги даде Делчев, Његош, Андриќ, Крлежа, Кадаре, Прешерн“
Вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, изјави денес, на самитот на лидерите на процесот Брдо-Бриони во Охрид, дека надворешната политика на Србија „ќе биде урамнотежена, предвидлива и доследна“.
„Имаме длабоко разбирање за добронамерните идеи изразени во предложениот текст на Декларацијата во рамките на Процесот Брдо-Бриони. Солидарноста и демократијата беа, се и ќе бидат на врвот на листата на потреби во нашиот регион“, рече Чупиќ, соопшти неговиот кабинет.
Според него, постои очигледна потреба за соработка, напредок и изградба на подобар свет за идните генерации, но постои и јасна обврска „кон нашите граѓани да ги заштитиме виталните државни и национални интереси и да го зачуваме достоинството во меѓународните односи“.
Тој рече дека „овој регион ги даде Делчев, Његош, Прешерн, Андриќ, Селимовиќ, Крлежа и Кадаре, дека балканската почва ги роди Тесла и Пупин и Руѓер Бошковиќ“, како и врвни спортисти и уметници.
„Имаме што да си понудиме еден на друг, на Европа и на светот. Убеден сум дека ќе го зачуваме она што е добро во нашите односи и ќе го поправиме она што реално може да се поправи“, рече Чупиќ.
Тој додаде дека е многу задоволен што денес на самитот на лидерите на Процесот Брдо-Бриони во Охрид слушнал дека „младите треба да бидат вклучени тука“.
„Без нивно вклучување во политичките процеси, не може да се очекува од нив да останат и да преживеат на овие простори, а тоа, верувам, е целта на сите цели на секој од нас“, истакна Чупиќ.
Претседателката Гордана Силјановска Давкова, се сретна во Охрид со Чупиќ и го нагласи значењето на неговото учество на состанокот на лидерите на Процесот Брдо-Бриони.
„Неговото присуство е особено важно за решавање на отворените регионални прашања преку политички дијалог заснован на меѓусебно почитување и разбирање“, напиша Силјановска Давкова на Фејсбук по средбата со Чупиќ
Таа изрази верување дека македонско-српските односи, имајќи го предвид традиционалното пријателство на народите и граѓаните, ќе продолжат да се развиваат со уште посилно темпо во образованието, науката, економијата, културата, туризмот и дигитализацијата.
„Чупиќ оцени дека учеството во Процесот Брдо-Бриони во Охрид е порака за важноста на добрососедските односи и ја поддржа мојата идеја за вклучување на младите луѓе во тие средби“, рече Силјановска Давкова.
Таа додаде дека на почетокот на средбата му честитала на Чупиќ за победата на Студентската листа на парламентарните избори во Србија на 25 октомври и неговиот избор за претседател на Народното собрание на Србија.