Фатмир Битиќи ќе биде потпретседател на СДСМ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги расчисти дилемите дали Фатмир Битиќи ќе биде потпретседател на партијата изјавувајќи дека тој ќе биде поставен на тоа место. Филипче тоа го кажа во интервјуто во „Ноќно студио“ на 4ТВ, зборувајќи за застапеноста на различните етнички заедници и за концептот „Едно општество за сите“.
„Ќе имаме потпретседател, Фатмир Битиќи, кој е Албанец“, рече Филипче, наведувајќи дека партијата има и член Албанец во Извршниот одбор, како и пратеник од влашката заедница.
Битиќи беше вицепремиер за економски односи во последната влада на СДСМ. Тој беше и потпретседател на партијата, но поднесе оставка по поразот на парламентарните избори во 2024.
Тој нагласи дека СДСМ останува на концептот „Едно општество за сите“ и дека етничката припадност не треба да биде мерило за вредноста и способностите на човекот.
Зборувајќи за меѓуетничките односи, лидерот на СДСМ порача дека Македонците и Албанците не се непријателски народи. „Не сме ние непријателски народи, па политиката да треба да интервенира, да нè смирува“, рече тој.
Според Филипче, заедничкиот живот на Македонците и Албанците во земјава може да биде пример и во светски рамки. Тој додаде дека политиките треба да создаваат услови граѓаните да напредуваат според образованието, знаењето и професионалните способности.