Косовската претседателка во Охрид: „Косово и Албанија се едно срце, еден ум, една нација“
За време на средбата со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседателката на Косово, Јустина Широка-Пуља, истакна дека „Косово и Албанија се едно срце, еден ум и една нација, обединети од истиот дух од двете страни на границата“.
За време на средбата на маргините на Процесот Брдо-Бриони, кој се одржува во Охрид, таа нагласи дека Косово и Албанија имаат посебни врски, вкоренети во историјата, јазикот, културата и чувството на заедничка припадност.
Како што соопшти нејзиниот кабинет, претседателката на Косово изрази благодарност за континуираната поддршка на Албанија за Косово и нагласи дека зајакнувањето на односите е заедничка одговорност, која треба да се води од блискоста и волјата за заедничко градење на иднината.
На средбата било разговарано и за стратешката ориентација на двете земји, а во таа прилика Широка-Пуља, како што е наведено, нагласила дека членството на Косово во НАТО и интеграцијата во Европската Унија остануваат меѓу главните приоритети на земјата, а посебните односи меѓу Косово и Албанија треба да продолжат да се трансформираат во конкретна соработка во сите области од заеднички интерес.