Успехот на Црна Гора и Албанија кон ЕУ е важен за Македонија: Сиљановска на Брдо-Бриони
Претседателката им се заблагодари на Хрватска и Словенија за помошта на регионот на неговото пристапување кон Европската унија
Проширувањето на Европската унија не е само прашање на проширување, туку и безбедносен императив, а напредокот на Црна Гора и Албанија на патот кон членството е важен и за Македонија, оцени претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата по Самитот на Процесот Брдо-Бриони во Охрид одржана со копретседавачите, претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.
Осврнувајќи се на евроинтеграцискиот напредок во регионот, таа рече дека Црна Гора е пред портите на Брисел, а Албанија бележи напредок.
„Напредокот го сметам за важен, бидејќи по 2013 година речиси немаше отворена порта за нас. Ова значи исчекор и мислам дека нивното напредување е и наше напредување“, истакна претседателката.
Во однос на македонскиот евроинтеграциски пат, Сиљановска-Давкова рече дека земјата има сериозен проблем со билатералните прашања, кои не се поврзани со копенхашките критериуми и не значат европеизација, туку се спротивни на принципите и вредностите утврдени во европските конститутивни акти.
Таа посочи дека не го смета постепеното членство за замена за полноправното членство, но оцени дека во процесот постојат чекори што се инспиративни.
Говорејќи за значењето на Процесот Брдо-Бриони, претседателката го оцени како една од најдобрите и најинспиративните регионални иницијативи, нагласувајќи ја важноста на меѓусебното слушање, разбирање и поддршка.
Како еден од клучните аргументи за проширувањето, Сиљановска-Давкова ја посочи геополитичката положба на регионот и потребата Европската унија да ја зајакне својата улога на глобалната политичка сцена.
Таа посочи и на потребата од зајакнување на транспортните, енергетските и дигиталните врски во регионот, оценувајќи дека преку нив земјите ќе станат посилни. Меѓу предлозите што ги изнела на самитот е и поголемо вклучување на младите во решавањето на регионалните проблеми, наместо иднината да им биде оставена само ним.
„Наместо иднината да им ја оставаме на младите, треба да ги вклучиме во решавањето на проблемите, дека тие можат да донесат нова енергија во рамките на Брдо-Бриони процесот“, рече претседателката, додавајќи дека нејзиниот предлог наишол на разбирање.
Сиљановска-Давкова изрази благодарност до Словенија и Хрватска за поддршката на земјите од Западен Балкан на патот кон Европската унија, нагласувајќи дека двете земји можеле да понудат само охрабрување, но наместо тоа понудиле заедничко патување и застапување на интересите на регионот.
„Словенија и Хрватска можеа да речат дека стигнале во Брисел и можат да нè охрабрат на нашиот пат кон Брисел. Не го сторија тоа, туку понудија заедно да патуваме, да бидат нашиот глас, да нè поддржуваат, научените лекции да ни ги презентираат и јас никогаш нема да го заборавам ова“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа оцени дека на самитот имало отворена размена на мислења и разбирање и кога биле изразувани различни ставови.

Одговарајќи на прашањето дали добила јасно ветување од Словенија и Хрватска дека ќе застанат на македонска страна во спорот со Бугарија, Сиљановска-Давкова рече дека не побарала таква директна поддршка, но дека двете земји постојано ја искажуваат својата поддршка за Македонија.
Таа посочи дека принципите содржани во декларацијата усвоена на самитот се однесуваат и на односите со соседите и на билатералните прашања. Додаде дека смета оти меѓу учесниците постои консензус за принципите и вредностите поврзани со проширувањето на ЕУ.
Одговарајќи на прашањето за односите меѓу Македонија и Србија, Сиљановска-Давкова оцени дека тие традиционално се добри и изрази очекување дополнително да се унапредат. Таа рече дека меѓу двете држави нема нерешени проблеми, посочувајќи дека моделот на демократија е внатрешно прашање на секоја земја.
„Традиционално српско-македонските односи се добри. Очекувам уште подобри да станат. Мислам дека нема нерешени проблеми меѓу нас, ниту сме се соочувале со нив. Моделот на демократијата е внатрешно прашање на секоја држава“, рече претседателката.
Таа му се заблагодари на претседателот на Народното собрание на Србија и вршител на должноста претседател на државата, Александар Чупиќ, за присуството на самитот во Охрид, оценувајќи дека со неговото доаѓање е покажано значењето на регионалната соработка.
За атмосферата на состанокот, Сиљановска-Давкова ја употреби асоцијацијата за „Артурова маса“, околу која во Охрид седеле пет жени и пет мажи. Рече дека учесниците се сослушувале и кога имале различни ставови.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска во Охрид се запознал со Александар Чупиќ. Прашан од РТС дали промената на власта во Белград отвора простор за нов почеток во односите со Загреб, Милановиќ рече дека е подготвен за разговор и дека различните погледи за Вуковар не треба да бидат пречка за нормални односи меѓу двете земји.
На прес-конференцијата Милановиќ откри дека гледал дел од преносот од конституирањето на новиот состав на српското Собрание. Го заинтересирале политичката атмосфера во Србија и прашањето какво значење би можела да има промената на власта за Хрватска.
За да објасни каква промена би сакал да види, Милановиќ потсети на посетата на тогашниот српски претседател Борис Тадиќ на Загреб во 2010 година. Во тоа време, рече, посетата на претседателот на соседната држава се сметаше за нешто вообичаено. Подоцна, таква средба стана речиси незамислива. По разговорите во Охрид, Милановиќ изрази надеж дека посетите меѓу Загреб и Белград повторно ќе станат нормален дел од односите меѓу соседите.
„Ова досега беше најконструктивниот и најпријатниот состанок. Можеби зборот конструктивен е малку претеран, бидејќи не донесовме никакви одлуки, но атмосферата, почитувањето на соговорниците и разумниот пристап кон прашањата што можеби нè разделуваат или за кои немаме исти ставови претставуваат голем напредок“, рече Милановиќ.
Гостите од Охрид добија традиционална македонска резба со ликот на фениксот и садница од автохтоната винова сорта станушина. Со фениксот, објасни претседателката, домаќините сакале да ја изразат вербата во иднината на регионот, а со лозата да потсетат што може Македонија да ѝ подари на Европа.