Марта Кос: Албанија би можела да влезе во ЕУ до 2030 година


Марта Кос, еврокомесарката за проширување

 

Европската комесарка за проширување, Марта Кос, денеска даде оптимистичка најава за членството на Албанија во ЕУ, велејќи дека тоа може да се случи до 2030 година. А договорот за пристапување да биде потпишан во 2028 година, доколку земјата продолжи со реформите и ги добие потребните согласности од земјите-членки. Кос денеска учествуваше на инвестициски состанок во Тирана.

Кос рече дека Албанија е меѓу земјите што придонеле за успехот на процесот на проширување, оценувајќи дека оваа година ќе биде најуспешна во последните 25 години.

„Последното проширување беше со Хрватска, сега го завршуваме процесот со Црна Гора, а една од земјите што придонесе за овој успех е Албанија“, изјави Кос.

Таа посочи дека Албанија би можела да ги затвори преговарачките поглавја доколку постигне резултати во спроведувањето на реформите и добие зелено светло од земјите-членки.

„Ако се исполнат овие услови, следната година, во овој период, ќе бидеме многу блиску до крајот на преговорите“, рече Кос.

Според неа, кога ќе бидат затворени половина од преговарачките поглавја, земјите-членки ќе формираат работна група за подготовка на договорот за пристапување.

На заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама нагласи дека пристапувањето во ЕУ нема однапред утврден рок, бидејќи зависи не само од реформите во Албанија, туку и од едногласната согласност на сите 27 земји членки. Тој потсети дека Тирана во изминатите години се соочувала и со политички пречки, кога одделни членки го блокирале напредокот и покрај позитивните оценки на Европската комисија.

Албанскиот премиер порача дека земјата ќе продолжи да ги исполнува обврските од пристапниот процес, иако конечната одлука за членството не зависи исклучиво од Тирана.