Со амандмани не се крои буџет
Незаинтересираноста на јавноста за ребалансот изгледа дека лежи во вистината дека со амандманска расправа ништо нема да се смени во неговата структура
Ребалансот на буџетот, втор за оваа година, влезе во собраниска процедура речиси пред триесетина дена, а деновиве во Собранието е во тек комисиската расправа по поднесените амандмани . Но во јавноста како да не се работи за најважниот документ во текот на една година за која расправаат народните избраници.
Други теми го преокупираат интересот на јавноста и партиите. Пуштањето или илегалното минување на границата на Ива Михаилова. Излегувањето од домашен притвор на Артан Груби, „најголемиот криминалец“, на кој се засноваше изборната кампања на сега владејачката партија. Се надоврзаа изборите во Брвеница. Најново, резултатите од изборите во Србија. Освен по некој коментар, поткаст или мал осврт од некои новинари и економски аналитичари кои ја следат економско-финансиската сфера речиси ништо за ребалансот. Не дека тие теми не се важни. Напротив, тие се интересни бидејќи упатуват на тоа дека не само границата ни е „швајцарско сирење“ или судството ни е во криза, туку целокупниот систем ни е распаднат и за вакви случувања не паѓаат „глави“ на министри туку паѓаат влади.
Сепак, се заборава на тоа што е секојдневие. А секојдневие е сиромаштијата и нискиот стандард, заминувањето на младите, корупцијата и слично, а за што една од главните причини е прибирањето и начинот на трошењето на парите во државната каса.
Додека првиот ребаланс беше најавуван на големи ѕвона неколку месеци овој речиси премолчено е предложен. Се најавува и трет. Но бидејќи е спротивно на закон, декемвриското ребалансирање на буџетот ќе биде во вид на прераспоредување на дел од буџетските средства, со нивна реалокација, за која најверојатно Собранието ќе биде исклучено од расправа. Сето тоа покажува колку несериозно и кампањски се приоѓа на конструирањето на буџетот, што е одлика на кроење на државната каса во последните петнаесетина години.
Образложението за сегашниот ребаланс од страна на министерката за финансии и владејачкото мнозинство во целост е дека главната причина е светската енергетска криза. Притоа отсуствуваат аргументите со бројки колку тоа преку намалената акциза и ДДВ се одразило на намалените приходи. А тоа е толку лесно да се пресмета, ама се избегнува бидејќи бројките ќе покажат дека причина не е само кризата туку внатрешните слабости се уште поголема причина за ребаланс. Кризата има влијание, но со нејзиното акцентирање се настојува да се избегне суштинската расправа за буџетирањето. Како и многупати досега моменталните кризни ситуации се користат како алиби за оправдување на промашените планирања на буџетот и непреземањето на сериозни чекори за долгорочно стабилизирање на државните финансии.
Ако се разгледаат буџетите и ребалансите низ призмата на политичките расправи на партиите што се водат во изминатите петнаесетина години воочливо е дека нема разлика во нивното компонирање. Тие што до вчера говореа за арамилак, за нетранспарентно трошење, за прекумерни трошења за разни трансфери, за криминани тендери, денес зборуваат за стабилизација, за развој, за капитални вложувања. А тие што до вчера зборуваа за економски бум, успешна економска политика, сега обвинуваат за криминал за местени тендери, за прекумерно задолжување, за ненаменко трошење. Иста реторика, иста политика само сменети страни и актери.
Со мали исклучоци, заедничка карактеристика е што секогаш во првичните предлози на буџетот се проектираат повисоки приходи со посебно нагласување ,,дека тоа е резултат на економскиот развој кој се очекува и дека се зголемува учеството на капиталните вложувања”. Со ребалансите на буџетот први на удар за намалување се капиталните вложувања. Речиси со секој ребаланс се зголемува задолжувањето и се пробива првично планиран дефицит. Доколку во ребалансот не се зголеми дефицитот, за да се избегнат критиките, голем дел од буџетските корисници ги зголемуваат своите долгови кон стопанските субјекти од кои набавуваат стоки или користат услуги, што е исто но само не е прикажано во буџетот.
Сето тоа покажува дека кога се на власт ни едните ни другите во последните петнаесетина години не сакаат да се зафатат со сериозна реформа во буџетирањето на државата. Не сакајќи да си го расипат комфорот во кој се наоѓаат додека се на власт.
Целокупната анализа на предложениот ребаланс на буџетот се сведува на неколку констатации. Зголемени трансфери кон социјалните фондови, високи износи за камати по основ на задолжувањето на државата, зголемен износ за плати на администрацијата а наспроти тоа намалување на капиталните расходи и капиталните трансфери до единиците за локална самоуправа. Ништо ново.
Социјалните трансфери, каматите и главницата на кредитите го зголемуваат учеството во вкупните расходи на државата и изнесуват речиси три четвртини, или над 75 отсто од вкупните расходи на буџетот. Од оваа констатација произлегуваат и главните правци во кои треба да се анализира буџетирањето и долгорочно да се решаваат.
Прво и основно е состојбата и иднината на пензискиот фонд. Од година во година се зголемува учеството на трансферот од буџетот до ПИОМ. Само погледнато од 2022 година наваму речиси по два процентни поени расте учеството на ПИОМ во вкупниот буџет и тоа во 2025 година изнесува 32 отсто. За првите девет месеци годинава е над 33 отсто. Но и тоа е недоволно бидејќи очигледен и загрижувачки е растот на долгот на ПИОМ кон здрaвствениот фонд и нетранспарентноста за навремено уплаќање на средствата кон вториот пензиски столб. Од владата, поединци и нивни блиски медиуми, како да има сигнали за промени во однос на вториот пензиски столб но по сѐ изгледа се плашат да признаат дека нивните планови за реформа со воведување на втор пензиски столб кога ја предводеа владата во 1998 до 2002 година биле неуспешни.
Поучени од времето кога ја зголемија старосната граница за пензионирање со одложено дејствие, што во периодот од 2006 до 2008 година им овозможи грејс период, сега подготвуваат најверојатно ново ,,релаксирање’’ во трошењето на буџетот. Се подготвува терен за ,,национализација’’ на вториот пензиски фонд со што очекуваат двојна корист, ем прилив во буџетот односно во ПИОМ ем намалување на притисокот од државните обврзници кои ги поседуваат друштвата од вториот столб. Со тоа ќе си дадат оддишка за време на нивниот мандат и веројатно дел од нечиј следен. Но со одложувањето на погледнување на вистината и соочување со проблемот ќе ги тера пензионерите во голема неизвесност. Особено неизвесноста ќе биде голема за корисниците на пензија од вториот столб.
Второто важно прашање е задолжувањето на државата. За Македонија веќе е проблематично и задолжувањето кое е во границите на теоретското 60 отсто од БДП. Високите износи на камати, кои за период од само четири години, номинално, се удвоија, и враќањето на главнината со ново задолжување не може да оди до бескрај. Тоа суштински ќе ја менува структурата на буџетот и ќе ги намалува износите за капитални вложувања.
Многу тесно поврзано со креирањето на буџетот во иднина ќе биде и начинот на финансирањето на локалната самоуправа. Намалувањето на трансферите за капитални инвестиции до општините,со ребалансот, покажува неуспех на проектот ,,унгарски кредит за развиени општини’’ и ќе биде нов товар на буџетот во следните години. Таквиот начин без никаква одговорност на градоначалниците само придонесе за несериозен однос на градоначалниците и Советите кон креирањето на општинските буџети. Потребна е реформа на финансирање на локалната самоуправа во која ќе се зголеми одговорноста на општините во прибирањето и трошењето на сопствените приходи а со тоа ќе биде врзана дотацијата од државниот буџет. Не може бахатоста и расипништвото на поедини градоначалници и локални самоуправи да се покрива од државниот буџет. Мора да зајакнат контролните механизми кон нивниот пристап.
Незаинтересираноста на јавноста за ребалансот на буџетотг ја обелоденува вистината дека со амандманска расправа ништо нема да се смени во неговата структура. Со прифаќање или одбивање на амандмани сега и во иднина нема да се решат посочените клучни прашања кои го одредуваат карактерот и структурата на државниот буџет туку само агонијата ќе се продлабочува.
(Слободан Најдовски е економски аналитичар)