Дефицит за капитални

Не можеме да продолжиме уште многу години без ништо да промениме. Ќе си се лажеме дека секој нареден буџет ни е развоен и зачудувачки во исто време и социјален. Тоа е неодговорен и злосторнички егоизам


Илијадници пати може да слушнеме дека не е страшно ако се задолжуваме, туку за што се задолжуваме. Во принцип, секој министер за финансии кога ќе одлучи колку повеќе ќе направи расходи од приходи во буџетот, носи и одлука од каде ќе го покрие тој минус, односно дефицит. Можно е да покрие дел од депозитите на државата доколу постојат но, пред се’ тоа се прави со ново задолжување. Така  доаѓаме до тоа дека е важно за што се користи дефицитот во буџетот кој креира нови задолжувања. За оправдување на ова, ние имаме забетонирана реченица во експозето на предлагачот на секој нов буџет дека тој е развоен и дека дефицитот се користи само за капитални трошоци. Но, дали е тоа така во последните 11 години?

Од графиконот погоре едноставно ќе забележиме дека можеме да издвоиме три периоди кои може посебно да се третираат. Периодот од 2016 до 2019 е период кој можеби го исполнува правилото – дефицит за капитални. Во тој период од 4 години тие се речиси изедначени и кумулативно дури капиталните трошоци се за 140 милиони евра повисоки од дефицитите.

Следува период од четири години од 2020 до 2023 кога ковид кризата и енергетската криза прават огромен дебаланс во корист на дефицитите. Само во 2020 година дефицитот е за над 600 милиони евра поголем од капиталните трошоци. Кумулативно, во овие четири години дефицитот ги надминува капиталните расходи за речиси 950 милиони евра. Сепак, во 2023 тие се изедначуваат па дури и се повисоки од дефицитот за 30 милиони евра.

Последниве три години од 2024 до 2026 беа години во кои се очекуваше дека е можно да се вратиме на непишаното правило – дефицит за капитални. Сепак, сликата е подруга. Во 2024 и 2025 дефицитите се повисоки за по над 210 милиони евра. Следува оваа година во која претпоставено со вториот ребаланс дефицитот треба да е повисок за 100 милиони евра. Значи, кумулативно за три години дефицитите се повисоки за 510 милиони евра од капиталните расходи.

Бројките од последните години би биле релативно поповолни доколку зборуваме само за примарниот дефицит во кој не влегуваат каматните плаќања. Видовме дека последните години тие забележително растат. Но, останува фактот дека, како што заклучува и Фискалниот совет, создаваме дефицит и се задолжуваме за тековни расходи. Тоа на долг рок ќе станува многу проблематично од аспект на одржување на јавниот долг.

Сите настапи на креаторите на политиките, аналитичарите па и на Фискалниот совет имаат воздржаност околу тоа дали ова е одржлива ситуација со јавните финансии. Постои консензус дека јавните расходи немаат простор за намалување, освен како што покажале многу ребаланси до сега ако тоа кратење не е пред се’ кај капиталните инвестиции.

Тоа значи дека мора да се интервенира кај приходите. Рамниот данок е кренат на ниво на догма и тука нема теоретски шанси за некаква интервенција. Така е и со данокот на имот, каде предлозите за изразено прогресивни стапки за секоја наредна недвижнина после првата, не се ни ставаат на дискусија. Борбата со сивата економија личи дека е изгубена, или пак личи дека не постои. (Од кога не сте виделе дека некој економски оператор е казнет или затворен заради неправилности?). Останува стапката на ДДВ која и со мало коригирање нагоре ќе значи забележително зголемување на приходите. Тоа носи удар за најсиромашните, бидејќи ДДВ е индеректен данок кој е слеп за социјалната состојба на плаќачите. Воедно, тој потег кај нас е политички убиствен за секоја власт.

Како ад–хок решение сѐ уште виси во воздут и т.н. национализација на задолжителните капитално финансирани пензиски друштва што ќе биде халуцинирачко релаксирање на неколку години а ќе предизвика реперкусии за во иднина. Личи неизбежно зголемувањето на стапката за придонес за ФПИОМ, но тао ќе наиде на отпор од бизнис заедницата и незначајно ќе ја ублажи состојбата.

И тука некаде се затвара кругот. Не можеме да продолжиме уште многу години без ништо да промениме. Ќе си се лажеме дека секој нареден буџет ни е развоен и зачудувачки во исто време и социјален. Ама тогаш да си признаеме дека тоа е неодговорен и злосторнички егоизам од наша страна на штета на младите и идните генерации на кои им оставаме тежок финансиски баласт.

(Авторот е економист)