Примаме нарачка од Мицкоски
Бидејќи многу му веруваме на премиерот сакаме да ја потврдиме и прифатиме неговата јавна изјава дека може во медиумите да објави кој што сака
Ние од „Независен“ јавно прифаќаме да примиме нарачка од премиерот Христијан Мицкоски без никаков надомест. Не сме како „Фајненшел тајмс“, угледниот независен светски медиумски финансиски бренд, кој може „сешто да објавува по нарачка“, како што тврди нашиот премиер.
Да се надеваме дека нема да му возвратат или, не дај боже, да го тужат. Со едно мало извинување дека направил лапсус и мислел на повеќето македонски медиуми може да се извлече од непријатности. Најверојатно нема да му обрнат внимание.
Бидејќи многу му веруваме на премиерот сакаме да ја потврдиме и прифатиме неговата јавна изјава кажана во интервју за Телма дека е можно во медиуми да објави кој што сака. Му стоиме на располагање на нарачателот, не хипотетички дека е тоа можно, туку вистински со назнака – нарачано лично од Мицкоски. Нема ништо лошо во тоа, освен назнаката „НАРАЧАНО“ која може да предизвика шок колку се исти нарачаните и ненарачаните апологетски авторски текстови со кои се преплавени слободните македонските медиуми од информативниот центар на ВМРО-ДПМНЕ за големите успеси на владата.
Премиерот може слободно да напише што сака, на пример, за најактуелниот случај со Алта банка, дека сѐ е законски и нема никаков проблем, дека опозицијата шири паника, дека граѓаните и компаниите не треба да се грижат за своите пари. Непотребно е прашањето зошто ја спасуваат банката со затворени шалтери и ограничени трансакции, кога сѐ е во ред и според законот. Се разбира и тоа дека сѐ што е сомнително и незаконски со влезот на Алта банка е договорено пред три години за време на претходната влада. Со оваа власт само е извршена реализацијата пералната Алта банка почитувајќи ги законите да ја купи Стопанска банка Битола.
Повторно сме лидери во регионот
Може да си напише колку пати сака дека за Македонија нема друга алтернатива освен членство во ЕУ, ама не по секоја цена. Дека не може Бугарите да влезат во Уставот ако нема гаранција дека ќе нема повеќе вета, или ако се прифати само една пресуда на судот од Стразбур за правата на Македонците во Бугарија. Нормално и тоа дека нема да направиме никакви отстапки за прекројување на историјата, не прифаќаме негација на идентитетот, на јазикот…
Може да поентира како ќе се справиме со енергетската криза, дека имаме евтина струја и најевтин бензин во Европа, дека сме со најбрз економски раст, дека повторно сме лидери во спроведување на реформите за влез во ЕУ, дека успешно се справуваме со високата корупција и организиран криминал на опозицијата кога била на власт. За најчесната влада и најчесните пратеници и бројни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивните партнери во поделба на власта, нудиме неограничен простор за успесите во образованието, во здравството, во земјоделството, дека е во тек успешната трансформацијата на партиската администрација, а правосудниот систем со промените е на добар пат да биде целсоно независен… и тоа дека градиме три автопати наеднаш, брзи пруги, вијадукти, обиколници и тунели, дека растат платите и пензиите како никогаш до сега. Многу се возбудливи и неговите математики дека е намалена инфлацијата, цените се под контрола, расте стандардот на граѓаните.
Ужасниот талог ја труе јавноста
Младите брачни парови ќе добиваат станови со 20 отсто попуст, студентите ќе добијат реновирани домови и надомест за ручек, се намалува презадолженоста на државата, стасуваат нови поголеми и поповолни кредити и уште милион други успеси. Многу, дури и премногу е направено за само две и пол години. Ако прашате дали е доволно – НЕ, ама може и повеќе, на добар пат сме и тоа да го постигнеме, ќе каже најдобриот и најуспешниот премиер на Македонија.
Милина една на сите страни, освен блокадите што ги прави велепредавничката опозиција, која само што не се распаднала. Тој ужасен талог и натаму ја труе јавноста повеќе и од бугарската блокада и од протекционизмот на Европа и од бриселските неспособни бирократи.
Ќе речете со право – што пишуваш глупости човече, полна ни е главата со овие лаги со долги опашки. Така е, само што ја нема назнаката НАРАЧАНО и се разбира добро платено.
Ајде да ги видиме сега другите нарачки на распадната опозиција, на странските платеници во медиумите, на мршојадците, глодарите на тие што шират паника и што се радуваат на несреќите. Идиотите, глупаците, шака јада од остатоците од едноумието пишуваат и зборуваат јавно дека се неопходни решенија наместо лажниот патриотизам за залудната децениска борба со неправдите што ни се прават.
Тие бездарници бараат визија за иднината на државата, бараат преговори со ЕУ и остварување на реформите. Се дрзнуваат да прашаат колкава е цената што не сме членка на ЕУ. Безобѕирно тврдат дека капиларната и високата корупција, организираниот криминал во највисоките ешалони на власта и натаму остануваат рак рана на општеството.
Замислете, се осмелуваат да пишуваат лаги дека повторно е заробена државата и дека демократијата без владеење на правото е авторитарен режим кој преоѓа во присила и сее страв меѓу граѓаните. Неказнивоста за направениот криминал и попречување на правдата со јавно искажаните очекувања на судските пресуди од страна на премиерот не било ништо невообичаено.
Уште колку генерации ќе жртвуваме
Предавниците и натаму тврдат дека никој не може да ни го земе идентитетот, дека јазикот ни е признат и од науката и од ОН, и од сиот свет како индоевропски јазик. Ама додека тоа не го признаат и Бугарите ние ќе жртвуваме уште неколку генерации граѓани да живеат во сиромаштија и да се радуваат на бугарскиот пасош за лет во слободниот свет.
Странските платеници измислуваат дека состојбите во здравството, во земјоделството, во образованието се катастрофални. Ги негираат злонамерно големите успеси. Сеат саде дефетизам, немало ништо добро во државата. Велат без усул дека било најголема срамота за големите журналисти да се напаѓа слабата опозиција на сметка на критиките на злоупотребите на власта и центрите на моќ. Ако не ја напаѓаат опозицијата немало што друго да пишуваат и кажуваат.
Света должност на јавните личности и намножени инстант колумнисти кои изигруваат големи интелектуалци била да бидат на страната на тие што умислуваат дека прават историја, а не на тие што страдаат од таа историја и од лажниот патриотизам. Величењето на власта не било подаништво, ниту пак професијата била дел од нивниот нов идентитет како што тврдат мршојадците и глодарите.
Абдалите и послушниците на опозицијата и натаму ги негираат успесите за економскиот раст и за лидерството на Македонија во регионот и пошироко. Слепци не гледаат и не сакаат да видат дека многу подобро се живее во овие две и пол години отколку во седумте гладни години пред тоа, па дури и подобро од единаесете последователни години на големиот процут на економијата и на демократијата во ерата на груевизмот.
Безобразно негираат дека стандардот расте, дека платите и пензиите постојано се зголемуваат, дека имаме евтина струја и најевтин бензин што лесно може да се провери и што премиерот Мицкоски секој ден го докажува со точни бројки до денар колку чини бензинот и струјата кај нас, а колку кај комшиите и во другите земји. Притоа, поставуваат глупаво прашање, а колку бензин може да се купи со минималните и просечните плати кај нас и во тие земји, или што би се случувало таму ако нивните плати и пензии се како нашите. Е, тоа било ширење на паника за евтини политички и партиски поени.
Тешко е да се набројат сите успеси на властите што во последните 21 година откако точно во ноември 2005 година беше прифатена кандидатурата на Македонија за членство во ЕУ. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ со своите коалициски партнери е на власт резултатите се импресивни, дури едно време бевме и светски прваци, а кога е СДСМ на власт со партнерите сѐ е предавство со катастрофални економски резултати. Во овие 21 година на вечниот кандидат за влез во Премиер лигата на ЕУ ВМРО-ДПМНЕ е на власт безмалку 14 години, а СДСМ 7 години. Преспанскиот договор со Грција што ги отвори вратите на НАТО и неформален почеток на преговорите со ЕУ со првата меѓувладина конференција пропагандите на ВМРО-ДПМНЕ успешно ги блокираа преговорите со Брисел ветувајќи негово поништување поради компромисот за подоцна да признае дека договорот бил добар и да се чаламат со членството во НАТО како нивна определба и успех. Договорот за добрососедство со Бугарија остана како единствен адут дека филозофијата – ни чекор напред е голем успех.
Премиере, со нетрпение ја чекаме вашата нарачка.