Патетика од Бугарија: Македонските функционери ќе мораат да му се поклонуваат на Самоил кога ќе одат во Софија
Со прелети на воени ловци МИГ-29 и Ф-16, блокирани булевари, полициски кордони и целокупниот поранешен и сегашен државен врв на плоштадот, Софија организира државен пречек на посмртните останки на Цар Самоил, отстапени од Грција. Државните медиуми во минута го следеа доаѓањето од Грција каде што беа преземени посмртните останки, известувајќи за качувањето на ковчегот во авионот, за полетувањето, за влегување на бугарските авиони во бугарскиот воздушен простор, за слетувањето, за движењето до центарот па до местото за централна церемонија.
Политичката порака за Македонија беше дека отсега натаму црквата „Света Софија“ ,каде што ќе се сместат останките, треба да биде задолжителна постојка од државниот протокол – секогаш кога македонски делегации ќе доаѓаат во посета на Софија, за заеднички да му се оддава почит на владетелот.Т.е. од Софија ни дадоа уште една политичка задача, иако прашањето за цар Самоил е затворено одамна и да сакаа заедничко славење ќе го оставеа во Мала Преспа.
Од студијата на тамошните телевизии, кои ја пренесуваа церемонијата, повторно се испраќаат добро познатите пораки за „заедничка историја“, но и јасни ултиматуми кон нашата држава.Во специјална емисија посветена на настанот беше истакнато дека чинот на пренесувањето не требало да биде пречка во односите со Македонија, туку напротив, повод Скопје да прифати дека се работи за исклучиво бугарски владетел.
„Ова е нешто што заедничката историска комисија одамна го призна од македонска страна – дека постојат сите основи да се смета дека Самоил е бугарски владетел и неспорен дел од нашата заедничка историја со Македонија“, коментираа аналитичарите во студиото, потсетувајќи на протоколите на мешовитата комисија.

Иако бугарската власт не испрати официјална покана до македонските државни претставници за присуство на церемонијата, соговорниците посочија дека „народот од другата страна на границата има постојана отворена покана“.
Паралелно со повиците за надминување на поделбите преку историјата, од бугарска страна не изостанаа ниту директните политички притисоци. Беше нагласено дека официјална Софија под никакви околности не смее да попушти пред европскиот притисок околу преговорите со Македонија.

„Бугарија не смее да прави никакви компромиси – ниту со постигнатото во мешовитата комисија, ниту со европскиот услов за впишување на Бугарите во Уставот на Македонија. Тоа е една од ретките теми каде што сите бугарски политички партии се потполно обединети“, беше порачано за време на преносот.