Дали депонијата за 18 општини во РЕК „Битола“ ќе биде ,Дива депонија”?

Гледано од различни аспекти, законитост, загадување на околина, успорување на сообраќај, финансиски оправданост, се повеќе се гледа проблематичноста на  изградабата на депонија за 18 општини во РЕК Битола


Заради мојата поранешна политичко-партиска активност многу ретко учествувам на невладини или граѓански иницијативи, протести. Не дека не ги подржувам или сум против невладино и непартиско ангажирање. Напротив, од секогаш сум го изнесувал својот став во нивна подршка. Причината за неприсуство на нивните протести е едноставна. Противниците од било која партиска припадност што е на власт, на моето присуство на протест, веднаш ќе му залепат етикетата на партиско влијание. Од тие причини, иако силно се спротивставувам на изградба на депонија од ваков вид во близина на Битола, не присуствував на протестите против депонијата.

Текстот го пишувам бидејќи сум убеден дека сеуште не е доцна по институционален пат да се спречи изградбата на депонија за 18 општини од Пелагонискиот и југозападниот регион, предвидена во РЕК Битола.

Неспорно е дека на Битола и треба нова, современа и модерна депонија. Постоечката, во Мегленци, е надвор од сите стандарди. Но, на Битола не и’ треба депонија која ќе предизвика многу поголеми негативости од постоечката.

Многу активности поврзани со депонијата во последниве две-три години се завиени во тајност и камуфлирани. Иако е промовирана ,,Платформата за одржливо управување со отпад во пелагонискиот и југозападниот регион” на истата не може да се најде одговор на клучните прашања поврзани со депонијата: цената, а со тоа и финансискиот товар на граѓаните, транспортот, и законитоста на основање на Депонијата. Досегашните советувања и  дискусии, на кои присуствуваат таканаречени експерти кои биле на две-три екскурзии во странство, и на кои во типот „јас тебе војводо, ти мене сердаре“ и најверојатно наплаќаат дебели хонорари, не даваат одговор на посочените клучни прашања.

Нема анализа од која ќе се согледа финансиската оправданост за постоечкото решение за една депонија за 18 општини наместо порано предвидените две, за секој регион посебно. Таа анализа е од исклучително значење, бидејќи треба да даде одговор  колку ќе ги чини граѓаните новиот начин на собирање, транспорт и одлагање на сметот. Нема одговор, на кој начин ќе се обезбедуваат потребните финансиски средства за функционирање на депонијата. Најверојатно по однесена количина на отпад. Но никој досега не спомнува колку ќе биде цената на килограм отпад. Тоа се остава на Регулаторната комисија. Граѓаните треба да знаат, дали новата депонија ќе ги зголеми трошоците на домаќинствата? Дали транспортот на отпад од Дебар, Струга, Кичево и другите оддалечени градови ќе го плаќаат Битолчани со повисоки цени? Не може несметано да функционира регионалната депонија кога комуналните претпријатија и дел од општините кои ги опфаќа проектот за депонијата се заглавени во долгови до гуша. Како ќе се решава тој финансиски проблем? Ако депонијата треба да опслужува 18 општини мора однапред да се знае кој плаќа, по која цена и по кој критеирум.

Изостанува одговорот за сообраќајните  решенија, кои ги најавија од министерството за животна средина, со цел избегнување на хаосот кој ќе го предизвика транспортот на сметот од западниот дел на државата кон депонијата особено во Битола и Новаци? . Ако се знае дека годишно треба да се превезат  над 132 илјади тони отпад, сообраќајното решение од правците од Струга,  Охрид преку Ресен како и од Дебар, Кичево до Битола е посебно загадочно. И двата сообраќајни правци имаат исклучително лоша патна инфраструктура. Мапата која ја презентираат од Министерството за животна средина, посочува дека дел ќе минуваат низ Битола, а дел низ селата во пелагонискиот регион од страната на Прилеп. Тоа дополнително ќе го влоши сообраќајот и ќе претставува речиси неможно одвивање на сообраќајот по овие патишта.

Од аспект на законитоста дискутабилно е издавањето на дозвола за депонијата. Непознато е и дали се изработени акти за меѓусебните обврски и надлежности на општините кои ќе ги опфати оваа депонија. Посебно дискутабилни се актите односно одлуките на Советот на Општина Битола.

Прашање е дали дозволата, која не се знае дали е издадена, и локацијата за депонија, нема да бидат во спротивност со законот за минерални суровини, со кој се регулира дека концесионерот, во овој случај ЕСМ, поточно државата, „при изведувањето на рударските работи и работи од преработка на минерални суровини, како и по нивното завршување мора да изведе санација и рекултивација на просторот”. Уште повеќе што рудникот е сеуште активен и работи според соодветен проект за експлоатација. Затоа прашањето е дали воопшто може да се издаде дозвола на депонијата во постоечките услови на експлоатација на рудникот и дали е тој во согласност со проектот за геолошките истражувања и експлоатација на рудникот.

Кога е во прашање Битола како еден од носителите на овој проект, нејасна е ситуацијата со одлуките на Советот на Општина Битола.

Советот на општина Битола во 2018 година донесе одлука со која даде согласност за основање на депонија со соодветна инфраструктура од страна на Владата, само за општините од пелагонискиот регион. И тоа е оправдано, имајќи во вид дека постоечката депонија е надвор од сите стандарди. Според експертите и депониите на соседните општини се во радиус кој  подеднакво ја загадуваат пелагониската котлина и овие општини треба заеднички да го решат проблемот. Притоа не се одреди локација.

Советниците, во минатиот состав изгласаа одлука за формирање на јавно претпријатие за регионална депонија за 18 општини. По се изгледа незнаеа што гласаат? Инаку како да се толкува нивното пишманење по неколку дена, па изгласување на некаков необврзувачки заклучок за барање до Владата за промена на локацијата. Тие не можат да избегнат дел од одговорноста, иако за законитост на одлуките на Советот е надлежен и најодговорен градоначалникот.

Кој и зошто ја промени одлуката од 2018 година е нејасно. Дали за тоа е повод изјавата на градоначалникот Коњановски дека повеќе не може да опстојува депонијата Буковона која сметот го одлага Охрид или е нешто друго во прашање сеуште нема одговор. Врз основа на која одлука на Општина Битола се формира новата депонија за потоа да се формира и јавно претпријатие. Затоа од аспект на законитост проблематично е која одлука е важечка, дали онаа од 2018 или таа од 2025 година, или пак необврзувачкиот заклучок на Советот на Општина Битола? Јавноста треба да знае врз основа на која одлука Битола станува дел од системот за 18 општини.Проблематично е дали воопшто е почитуван членот 80 став 2 од Законот за управување со отпад.

Од настапите на градоначалниците на Битола и Новаци може да се заклучи дека најважното за нив е водење на кампања како да се убедат граѓаните дека е се во ред, а знаат дека не е така, само со цел да се избегне одговорноста и товарот кој ќе ги следи најодговорните за ваквата одлука.

Гледано од различни аспекти, законитост, загадување на околина, успорување на сообраќај, финансиски оправданост, се повеќе се гледа проблематичноста на  изградабата на депонија за 18 општини во РЕК Битола. 

За да не се судираме во иднина со блокади и протести сега е моментот да се одговори на овие прашања и ќе се знае дали депонијата која сеуште е во припрема ќе биде ,,Дива депонија”.

 

(Слободан Најдовски е економски аналитичар)