Најтешкиот пат на Мицкоски до ЕУ

Со високите дострели на манипулациите и со срамната поддршка на медиумите лагите за велепредавствата прераснуваат во успех на владата. Па така Преспанскиот договор со Грција час е добар, час велепредавство, според потребите на власта


Премиерот Христијан Мицкоски не престанува да ја изненадува јавноста со изборот на патишта и беспаќа за остварување на најголемиот државен интерес – членството на Македонија во ЕУ. Последниот визионерски бисер на премиерот е изборот да го изодиме боси по трње  најтешкиот пат. Полесниот бил со понижување.  

Само еден месец пред тоа во Виена пред австрискиот канцелар Кристијан Штокер ни ја кажа генијалната определба: „На Македонија ѝ се брза, Европа нека чека“. Пред тоа пак со вознес на силен патриотизам нѐ утеши дека ако треба со достоинство и гордост ќе чекаме две–три децении да стасаме до целта. Ако пред повеќе од две илјади години „сите патишта водеа до Рим“, патиштата на Мицкоски до Брисел денес во третата декада на 21. век водат до бесконечноста. Ја внесе Македонија и како што милува да каже „неговиот народ“ да залута во лавиринтот од кој нема излез. Тој што ни го покажува патот наликува на полски столб кој води во ќор-сокак. 

Нашиот главен јунак како во сатиричниот расказ на Радое Домановиќ „Водач“ нѐ донесе до амбис. Достинствено и натаму одиме во амбис по „слепиот“ водач. Англиско наравоучение вели кога ќе паднете во дупка прво што треба да направите е да престанете да копате оти сѐ подлабоко ќе пропаѓате. Историските искуства со народите кои се нашле во ваква ситуација кажуваат дека е неопходна помош некој да ве извлече од дупката. Прв кој може да ви помогне се соседите и посилните што можат да ве спасат. Во политиката тоа се вика компромис кој секогаш има своја цена од која можете да бидете подеднакво среќни со спасителот, или подеднакво несреќни, но секогаш е подобро отколку да останете во дупката.

Кај нас компромисот е прогласен за предавство на националните и државни интереси. Со таа лага и тешка заблуда се добиваат избори. Еве што ни довикна од провалијата Христијан Мицкоски: „Владата го одбра потешкиот пат за нашите евроинтеграции кој што има своја цена. Но, полесниот пат е проследен со друг вид  предизвици кои најчесто се понижувачки како недокажана приказна, или неодсонуван сон. Тоа создава фрустрација, а не очајување, или чувство да се откажеме“.

Да не се сетат Власите

Интересно е што премиерот Мицкоски ги прифаќа резулататите од јавното мислење на големо мнозинство  граѓани, околу 70 отсто кои ја гледаат иднината на Македонија како членка на ЕУ. Таа силна поддршка на  европската ориентација го принудува премиерот да ја пропагира тактиката „да не се сетат Власите“, па постојано повторува ЕУ останува наша највисока стратегиска цел. Поговорката да не се сетат Власите е од времето на Османлиската империја кога Србите барале отстапки од султанот преку романските властодржци кои имале влијание во царскиот двор. Но, притоа биле предупредувани  да бидат внимателни „Власите да не се сетат“ и да откријат која е вистинската цел всушност да прикријат дека бараат гаранции за автономија. На тоа личи нашата сегашна политика со прикривање на вистинската цел со Европа, со Америка, со Русија и со Кина.

Разликата е во тоа што сите уште пред да зинеме откриваат што ни е целта кога бараме цврсти гаранции, а за возврат не нудиме ништо. Поточно, ние поставуваме услови демонстрирајќи лажно јунаштво за домашни потреби и манипулации. Така според  влашката поговорка „го изгубивме патот во сопствениот двор“ и тргнавме по „Најдолгиот пат“ од филмот на Бранко Гапо, како римејк во режија на Христијан Мицкоски со пародијата најтешкиот пат по кој можеме да стасаме само до Дијарбекир префатени од турскиот синдром во врска со реалноста да станеме членка на ЕУ. 

До Брисел води само еден пат

Цената на изгубеното време на вечен кандидат не е иста гледано од сосема друг агол од оној што гледаат Мицкоски и неговата влада.

До Брисел води само еден пат на кој има строги правила. Брзината со која ќе се движиме зависи од нас, треба да се решаат задачите од Преговарачката рамка што ја прифати ЕУ. Со други зборови, без остварување на реформите и тоа што е веќе договорено нема членство во ЕУ. Остануваме да чмаеме пред отворените врати додека не ни се затворат пред носот. За последиците од катастрофалната политика ќе се обвинува и натаму претходната влада чии компромиси се прогласени за велепредавство.

И гледај чудо, со високите дострели на манипулациите со срамната поддршка на медиумите лагите за велепредавствата прераснуваат во успех на владата. Па така Преспанскиот договор со Грција час е добар, час велепредавство, според потребите на власта. Во една прилика премиерот Христијан Мицкоски го кажа тоа без око да му трепне, а сега го повторува и претседателката Гордана Сиљановска во малку поинаква форма во интервју за Македонското радио. Членството во НАТО стана успех на ВМРО-ДПМНЕ. Што би рекол знаменитиот Ѓорѓе Марјановиќ човек да се крсти со две раце. Останува дежурна тема Бугарија до моментот додека и тоа не се прикаже како успех на единствената легална револуционерна партија во Европа. Скопско и се можно во земјата недојдија. Таквиот „успех“ би требало да им се прифати како големо достигнување колку и да е еднакво трагокомичен како успехот од добриот договор со Грција.

Деновиве премиерот во обидите да докаже дека инфлацијата, читај скапотијата, брзото осиромашување на граѓаните, е двојно помала од времето на претходната влада како најсилен аргумент инсистираше на споредбите, наведувајќи „факти“ и домашен есап кои немаат врска со пазарот и трошоците за живот и реалните состојби.

Би било многу подобро Мицкоски да направи споредби како стојат работите во земјите пред да станат членки и откако влегоа во ЕУ. На пример, разликите со Словенија, со Хрватска, со Бугарија, со Романија, а зошто да не е и со Словечка, Чешка, Полска, па и неговата омилена Унгарија. Може да направи споредби и со Црна Гора и со Албанија  каде тие беа претходно пред да станат членки на ЕУ, а каде се сега. А каде сме ние. Може малку да размисли колку ќе биде висока цената и за многу други работи што ќе се случува на неговиот најтежок пат без понижувања ако тоа потрае уште 20 или 30 години.

Читајте малку како другите успеале

Францускиот академик Амин Малуф во неговата книга „Лавиринт на залутаните“ што би требало да биде задолжителна лектира на политичарите вели дека „најдобриот начин да ги подучиме нациите е да им го покажеме патот кон напредокот и цивилизацијата и да им објасниме како тоа го направиле тие што успеале. Една нација може за релативно кусо време, колку што трае еден човечки живот, да го надомести заостанувањето таложено  со векови и да маршира кон слава. Да ја извлече својата традиционална култура од маргиналности и безначајности како би им дала сјај, да ги спаси своите деца од незнаење и сиромаштво, како би им го вратила достоинството и со тоа да се наметне на меѓународната сцена како актер кој е почитуван…“

Ајде од горското началство читајте малку како другите успеале. Тргнете од погоре набројаните нам блиски соседни земји, со кои бевме во иста држава. Не мора да одите до Западна Европа да видите како тие тргнаа напред по разорувањата и милионските жртви при свежи гробови  само девет години по Втората светска војна. Таа заедница на интереси прерасна во Унија и на пат е кон соединетите европски држави. Не треба да одите до Јапонија како се случи таму големото цивилизациско и економски чудо по двете атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки чии последици и ден денес се чувствуваат, ама не влијаат на добрите односи со тие што ги фрлија бомбите.

Најдобро  би било Мицкоски да тргне од успесите на претходната влада што ги  закочи и ја врати назад Македонија. Треба само да ја прифати реалноста дека она што беше негова патриотска и херојска приказна стана трагична состојба во државата. Е, тоа е навистина тешко, многу тешко. Но, тој тоа може да го постигне со своите медиуми и да ги прикаже на заблудените како свои успеси договорите што вети дека ќе ги поништи. Иако е предоцна има начини да излегнеме од овој лавиринт. Но, мора прво да  признае дека залутал и да го скрати времето кога вети дека ќе си замине. Професурата не е лоша замена. Во егзактните науки нема политика и патриотизам.