На Мицкоски му се брза, Европа нека чека
Неверојатна, но болно вистинита е тажната приказна на Македонија со каква леснотија е уништена иднината на една држава со лаги и лажен патриотизам. Загубите се немерливи
По четири месеци Македонија ќе ја одбележува 35-годишнината од независноста. Подготовките за помпезна прослава на големиот јубилеј веќе се почнати. Во престолнината на европската култура гордо и достоинствено ќе ги славиме најзначајните неостварени државни интереси, заробената држава, спроведените реформи, демократијата, владеењето на правото во строго партизираниот правосуден систем, успешната битка против корупцијата и организираниот криминал, поквалитетниот живот, повисокиот страндард на граѓаните и како круна, членството во ЕУ.
За три ипол децении ништо од наброеното не е остварено. Она што е постигнато, членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ како компромиси со Грција и со Бугарија се блокирани и прогласени за велепредавство на националните и државните интереси. Многу поназад сме од лидерската позиција во Западен Балкан, каде што бевме пред повеќе од 20 години. Поточно, последни сме.
Катастрофалниот пораз на погрешните политики ќе биде покриен со старо-нови лаги за успесите и за виновниците за неоправданата независност. Повторно и повторно ќе ги слушаме говорите за велепредавства на домашните и надворешните непријатели, за изгубениот идентитет, за „откорнатиот“ јазик, за продаденото име на државата, за украдената ни историја, за неправдата што ни ја прават Европа и соседите.
Визијата за иднината веќе е одредена во најдобар случај ќе чекаме и натаму со децении додека не добиеме гаранции за членство во ЕУ. Нема компромиси и коленичење, храбро и гордо премиерот Христијан Мицкоски ќе ни ја каже убавата вест во разни варијанти. Последната кажана во Виена пред австрискиот канцелар Кристијан Штокер е најгенијална: „Македонија брза напред, не може да ја чека ЕУ. Реформите ќе ги оствариме сами. Тоа зависи од нас, од никој друг, наместо коленичење и потпишување голи листови хартија ќе правиме реформи“.
А, каде тоа ја брза Македонија премиерот Мицкоски и неговата влада во која бездна да ја стрмоглави. Кои реформи ги почна и заврши во изминатите две години, тие што ги блокира, или тие што ги поништи што беа завршени. Дали е тоа владеењето на правото, независноста на правосудниот систем, функционирањето на институциите на системот, демократијата, слободата на медиумите, корупцијата, организираниот криминал, бедата и сиромаштијата, образованието, здравството, културата, или пак процутот и највисокиот стадиум на примитивизмот и провинцијализмот.
Агонијата стана визија и за наредните децении
Одговорот на австрискиот канцелар Штокер беше државнички одмерен, ама за кого, залудно, кога нашата визија веќе не е ни лет во место, туку упропастување и на тоа што е постигнато. Предупредувањето на канцеларот Штокер, како и на многумина други добронамерни државници кај нас речиси и не се слушна: „Вашата земја беше пример за целиот регион долго време. Не сакаме овој напредок да се изгуби, мора да се искористи овој геополитички момент да не останете надвор од процесот на проширување на ЕУ. Пристапувањето кон ЕУ мора да биде крајната цел на процесот кој е најсилниот и најефикасниот инструмент за мир, безбедност и просперитет. Решението нема да дојде ниту од Брисел, ниту од Виена. Шесте држави на Западен Балкан се парчиња што недостасуваат во европскиот мозаик“. Со други зборови, па сега вие видите што ќе правите и на каде ќе ја туркате работата.
Трагедијата на Македонија е во фактот што јавноста и предавството на кукавичката интелегенција, покорно и исплашено прифатија да бидат излажани секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, а членството во ЕУ блокирано кога е во опозиција. Стасаа до таму да бидат прогласени за предавници и сопствените парламентарци кои го изгласаа договорот со Грција, без кои Македонија немаше да биде членка на НАТО, со што се отворија вратите за почеток на преговорите со ЕУ. Се отворија и веднаш се затворија што сѐ уште се прикажа како успех.
Неверојатна, но болно вистинита е тажната приказна на Македонија со каква леснотија е уништена иднината на една држава со лаги и лажен патриотизам. Загубите се немерливи. Изгубените години и жртвувани генерации наместо освестување станаа аргумент на херојство. Пострашно од тоа е што агонијата е „визија“ и за наредните децении. Децата што се родени во годината на независноста ќе наполнат 35 години, а тие што беа тогаш полнолетни веќе се во шестата деценија од животот. Чекаат пензија. Тие пак што беа во своите зрели години полни со оптимизам за европска Македонија денес се во длабока старост, или починати. Плачејќи за неправдите го изгубивме патот во сопствениот двор.
Чекаме и само чекаме
Во Македонија постојано нешто се чека. Да не навлегувам во славното ни минато што сѐ чекавме. Да се задржиме само на 35-годишната независност и „самостојност“. Чекаме правда во неправедниот свет, чекаме гаранции кои никој не ги дава, чекаме признанија на државата, на идентитетот, на јазикот, а не се признаваме самите, чекаме подобра иднина, чекаме подобар живот, чекаме и само чекаме. Ништо не работиме. Не се уморивме од чекање. Во суштина чекаме друг да ги реши нашите проблеми. А, времето најскапоцената работа лета како сините галаби на Никола Бадев.
Поодамна го објавив цитатот на Јосип Пејаковиќ што ни прилега и на нас „кој ќе доживее ќе наебе.“ Ете дојде и тоа време. Навистина наебавме. Се спасија само тие што избегаа на време. Имало над 200.000 бугарски пасоши, се разбира ќе има и над 400.000 и речиси толку албански, црногорски и европски, американски, австралиски. Ќе прашате има ли спас за Македонците во Македонија. Реалниот одговор е нема. Освен ако не го послушаме премиерот Христијан Мицкоски дека на Македонија ѝ се брза да одиме напред и да не ја чекаме Европа уште утре да се разбудиме свесни дека ВМРО ДПМНЕ не лаже, а ние им веруваме цело ова со децении изгубено златно време кога ова парче земја колку што обработуваат двајца фармери во Америка можеше да стане рајска градина да не нѐ блокира и натаму револуционерната партија.
Да, да, да се разбудиме и да прогледаме што сѐ испуштивме и што им се случува на тие што беа зад нас, а нѐ претркаа додека ние чекаме на погрешна станица воз во спротивна насока. И со тоа се фалиме дека паметните држави не гледаат само во една насока. Сакаме да седиме на две, или ако ни е толку широк задникот на три столчиња. Таа насока да се оди назад била паметна. Кој седи на две столчиња паѓа, а на три се распаѓа.