Го нудеше на Емиратите, па на Американците. Мицкоски сега вели ќе „стиснеме заби“ и сами ќе го градиме „Чебрен“
Зошто доаѓа до ваквиот пресврт во стратегијата на Владата премиерот Мицкоски не објаснува. Веројатно нема интересенти во странство. А можеби е поврзан и со дата центрите
Владата е пред конечна одлука проектот „Чебрен“ да го гради државата, наместо како повеќето од претходните 14 обиди во изминатите децении, да се бара приватен партнер од странство. Како што изјави денес премиерот Христијан Мицкоски, тој самиот, а и во Владата и во државната ЕСМ сметаат дека треба да „стиснеме заби“ и самите да го изградиме овој проект. Со оглед на климатските промени, „Чебрен“ ќе има првенствено важност да служи како важен резервоар на вода за пиење и за наводнување, а не за производстово на електрична енергија, вели Мицкоски.
Сепак, останува да се види дали државата ќе може да „стисне заби“ или уште еднаш овој проект ќе се покаже како премногу „тврд орев“ што ќе ја остават државата и без „Чебрен“ и „без заби“.
Главниот предизвик е од каде ќе се обезбедат потребните средства, кои според процените на Владата би изнесувале околу една милијарда евра, а со каматите и другите провизии и трошоци би достигнале барем 50 отсто повеќе, односно околу 1,5 милијарди евра. Тоа, пак го отвора прашањето за нивото на јавниот долг на државата и сите предизвици кои презадолженоста ги носи со себе.
Од друга страна, „падот“ на последниот тендер за „Чебрен“ беше токму поради противеењето на ВМРО-ДПМНЕ кои тогаш беа во опозиција, поддржани силно од група инженери кои се залагаа за изградба на „Чебрен“ со сопствени сили, односно оваа хидроцентрала да биде дел од државната ЕСМ. Во меѓувреме, по доаѓањето на власт, актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот лично, проектот го нудеа на повеќе странски инвеститори, па за него стана збор во Обединетите Арапски Емирати, потоа со американски и други инвеститори.
Што тогаш натежна кон сегашната заложба „Чебрен“ да биде чисто македонска инвестиција?
„Јас вчера во текот на брифингот реков дека една од иницијативите којашто ја имаме е сами како држава да го градиме целиот тој комплекс на централи на Црна Река над постоечката ХЕ ‘Тиквеш’. Тоа во јавноста е познат како проект ‘Чебрен и Галиште’“, изјави денес Мицкоски при посетата на Општина Ѓорче Петров.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој посочи дека биле направени пресметки и оцената е дека ова е стратешки проект не само за Македонија како држава туку и за регионот. До сега за „Чебрен“ имаше многу неуспешни тендери и обиди за приватни партнерства, процеси поврзани со многу сомнежи… Мицкоски вели дека доколку Владата успее да формира синдикат на меѓународни финансиски институции, а разговорите се во таа насока, тогаш реално е да се очекува дека следната година ќе се стави камен темелник на овој историски проект.
„Има мнногу причинии за кои што верувам и јас и колегите во Владата и во компанијата АД ЕСМ дека треба да се обидеме, народски кажано, да ‘стиснеме заби’ да го изградиме сами овој проект“, изјави денес Мицкоски.
Тој орече дека имајќи ги предвид климатските промени е убеден дека не само на Македонија како држава, туку и во регионот ќе им требаат два резервоари за питка вода, а токму тие се акумулациите на резервоарите. Така што, производството на електрична енергија можеби не е примарен предизвик, туку е терцијален или четврт по ред.
„Имајќи предвид дека од постоечката хидроцентрала ‘Тиквеш’ се наводнувааат околу 60-ина илјади хектари земјоделско земјиште, фармерите од тој регион најмногу се занимаваат со производство на грозје, на вино итн, ценам дека овие количини вода само можат да го помогнат тој процес, па дури и да зборуваме за производство на електрична енергија така што ова е амбициозна најава, но не невозможна и многу блиску сме до конечна одлука државата самата да го гради овој проект“, рече Мицкоски.
Тој и вчера на брифинг со новинарите на кој присуствуваа само одредени медиуми одредени од Владата, рече дека е блиску до носење стратешка одлука државата самостојно да го реализира проектот, без приватен партнер.
Притоа објасни дека конечната одлука ќе зависи и од состаноците што се одржуваат во рамките на ЕСМ.
Висок поврат на инвестицијата
„Нашите пресметки покажуваат дека внатрешната стапка на поврат на инвестицијата е над 10 проценти, што го прави проектот економски оправдан“, рече Мицкоски на брифингот додавајќи дека по финализирањето на физибилити-студијата, ќе се избере изведувач по принципот проектирај и изгради.
„Чебрен“ очигледно влегува во периметарот на Владата и по најавата дека Македонија ќе гради дата центри, за што покрај електрична енергија потребно е и големо количество вода за нивно ладење. Во светот има голем отпор за изградбата на дата центри токму поради користењето на вода за пиење за одржување на температурата во нив.
Инаку, основниот проект за ХЕЦ „Чебрен“ датира уште од далечната 1963 година, а до сега имаше дури 14 меѓународни тендери за негова изградба преку јавно-приватно партнерство или концесија.
Последниот тендер го доби грчки „Архиродон“ (2023), но и тој пропадна по многуте отпори во земјава и во Собранието, па конзорциумиот не ја продолжи банкарската гаранција, по што договорот не се реализира.
„Чебрен“ беше и едно од предизборните ветувања на сега владејачката партија. Работни групи во ресорните министерства анализирале дали е подобро да се гради една голема брана за „Чебрен“ или каскаден систем од две или три помали централи („Чебрен“, „Галиште“ и „Скочивир“).
Во текот на изминатите децении се јавуваа повеќе заинтереирани компани за изградба на браната и за учество преку јавно приватно партнерство, но пред последниот 14 тендер, сите други беа неуспешни иако во претквалификациските фази понуди доставуваа моќни конзорциуми од Франција (EDF), Австрија (EVN – Verbund), Италија (Webuild), Кина (PowerChina, Gezhouba Group), Турција (Enka, Colin, Ozaltin), Грција (PPC)…
Стручната јавност и здруженијата на инженери долго време апелираат државата конечно да се откаже од странски инвеститори и да го изгради овој стратешки капацитет со сопствени буџетски средства или државни кредити. Дилемите на економистите (а и на министри од владата), е предизвикот како таквото задолжување ќе влијае на буџетскиот дефицит и на јавниот долг кој е блиску до прагот од 60 отсто и не би требало да се пречекори.
Сега, откако премиерот најави дека Владата е блиску до донесување одлука за сопствена изградба на „Чебрен“ останува отворено прашањето како ќе се финансира. Тој спомена синдикализиран заем од повеќе меѓународни институции, иако претходно за се споменуваше и т.н. Британски заем.
Од каде ќе се обезбедат пари
Доколку се донесе таква одлука државата ќе треба да обезбеди помеѓу 1 и 1,3 милијарди евра, или заедно со каматите околу 1,5 милијарди еевра. Како една од можностите до сега се споменуваше финансирање преку стратешкиот британски заем, како главна опција, но тоа денес премиерот не го посочи, туку спомена синдикализиран заем, што не значи дека се исклучува тоа да се стори и преку потпишаниот договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, преку кој на Македонија треба да ѝ се ставени на располагање 6 милијарди евра поволни заеми за капитални проекти.
Друга опција би била повеќегодишно етапно буџетско финансирање, со оглед дека поради ХЕЦ „Чебрен“ е комплексен проект и би се градел наредните 7 – 8 години, па финансискиот товар не мора да падне одеднаш врз државната каса. Тоа би значело издвојување на околу 130 до 150 милиони евра годишно од државниот буџет во текот на осум години. Министерството за енергетика во една прилика посочи дека македонскиот буџет тешко може целосно сам да го издржи ова темпо без задолжување. Со оглед на нивото на актуелниот буџетски дефицит оваа опција е малку веројатна, уште повеќе што друг сличен проект (изградбата на автопатиштата кои ги гради „Бехтел и Енка“ од Буџетот се префрлија на сметка на ЈП за државни патишта.
Третата опција е финансирање преку државната ЕСМ, при што со овој модел ЕСМ би била носителот на инвестицијата, односно би инвестирала сопствени средства или би се јавила како директен потписник на кредити од меѓународни финансиски институции, како ЕБОР или КФВ, со државна гаранција. Предноста е што долгот не би се вкалкулирал директно во основниот дефицит на државниот буџет, туку би се отплаќал од идната продажба на произведената струја.
Зошто пропаднаа обидите со ОАЕ и со американски компании
Проектот „Чебрен“ беше презентиран и на моќни државни фондови и инвеститори од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Соединетите Американски Држави (САД).
Интересот и презентациите пред Арапските Емирати се одвиваа во неколку фази, а проектот беше актуализиран дури и при неодамнешните владини посети. Така беше презентиран во Дубаи (ЕКСПО 2022) каде што македонска владина делегација официјално го презентираше Интервентниот план за инвестиции во енергетиката. Тогаш пред арапските бизнисмени и фондови „Чебрен“ беше претставен како проект со вредност од 600 милиони евра како клучен дел за транзицијата од јаглен кон обновливи извори.
Во 2025 година при посета кај гигантите во Абу Даби министри од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ остварија средби со челниците на некои од најголемите суверени и приватни инвестициски фондови во ОАЕ. Проектот беше директно претставен пред „Игл Хилс“ (Eagle Hills) – компанијата која стои зад проектот „Белград на вода“ – како и пред „Абу Даби развојниот холдинг“ (ADQ), кој е меѓу 10-те најголеми светски суверени фондови.
Премиерот Христијан Мицкоски тогаш рече дека проектот за хидроцентралите им бил презентиран на арапските инвеститори, но Владата веднаш по тие средби направи пресврт и се одлучи за стратешкиот заем од Обединетото Кралство. Арапските фондови претпочитаат класични комерцијални концесии со висок процент на сопственост, додека новиот план на државата е објектот да остане 100% македонски.
Понудите и разговорите со американските партнери главно се одвиваа во контекст на регионалната безбедност и намалувањето на руското енергетско влијание на Балканот.
Во изминатите неколку години, македонските енергетски власти одржуваа средби со претставници на DFC (Development Finance Corporation) – американската државна развојна банка. На нив се разгледуваше опцијата за финансирање на големи регионални енергетски инфраструктурни проекти.
Интересен момент е што САД и ОАЕ во 2022 година потпишаа голем стратешки пакт наречен PACE (Partnership Accelerating Clean Energy). Преку ова партнерство, двете велесили се обврзаа да мобилизираат 100 милијарди долари за чиста енергија, кои треба да се инвестираат и во трети земји во развој. Македонија се обиде да се позиционира и да аплицира за дел од овие средства токму преку „Чебрен“.
Големите енергетски компании од САД (како General Electric и слични) главно се заинтересирани за испорака на софистицирана опрема, турбини и технологија за централите, но ретко се пријавуваат како примарни концесионери кои ќе градат брани и ќе стопанисуваат со водите на Балканот. Затоа, на меѓународните тендери за „Чебрен“ главно се пријавуваа европски (грчки, италијански, француски) и кинески компании.
За време на сите овие преговори со Арапите и Американците, Македонија го нудеше моделот што подоцна беше критикуван: странскиот партнер да добие дури 67% од сопственоста и право да управува со централата со децении.
Бидејќи тој модел се покажа како неуспешен кај странските гиганти (што резултираше со 14 пропаднати тендери), Владата на крајот се сврте кон опцијата за британски заем за да го гради сама.