Владината приказна за развоен ребаланс звучи само како убав ПР: Опозицијата со критики за новата буџетска рамка


Фото: Б. Грданоски

Кога просечната плата не ја достигнува минималната кошница, Предлог – ребалансот на Буџетот не може да се брани како доказ за стабилност, туку тој станува доказ дека економската политика не успева да го заштити достоинството на трудот, оцени денеска на собраниска седница пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи во неговата дискусија по владиниот предлог за ребаланс на Буџетот за годинава. Тој беше еден од неколкуте пратеници на опозицијата за кои предложениот ребаланс на Буџетот не е развоен и е признание за слаб институционален капацитет за негова реализација. Пратениците од власта, пак, посочија дека средствата од ребалансот се за реализација и комплетирање на сите планирани и почнати капитални проекти од интрес за граѓаните.

Битиќи во својата дискусија се осврна и на пазарот на трудот, при што, како што рече, до крајот на 2025 година биле отворени 22.064 нови работни места, што е околу 40 отсто од владината цел.

„Но, зад оваа бројка стои многу поважна вистина, а тоа е дека економијата не станува поформална, посигурна и подостоинствена. Напротив, во 2023 година пред оваа влада да ја преземе економската одговорност, уделот на работниците во неформалната економија изнесувал 10,7 отсто, Во првиот квартал 2026 година учеството на работницита во неформалната економија изнесува 13,3 отсто, Тоа е раст од 2,6 процентни поени во однос на 2023 година односно речиси една четвртина повисока неформалност, односно 13 од секои 100 работници се надвор од целосната формална заштита на системот“, рече Битиќи.

Според него, резултатот е јасен – владината реторика за нови работни места не се претвора во доволна формалност и стабилна и достоинствена економија, а од тоа произлегува и ризикот за пензискиот систем.

„Стабилен ПИОМ се гради со поширока формална економија, со продуктивност што создава простор за повисоки плати и со подостоинствени работни места што редовно го полнат системот со придонеси“ рече Битиќи, додавајќи дека кога трудот останува во сивата зона, продуктивноста стагнира додека платите не ја следат реалната цена на животот, а пензиската стабилност станува се повеќе зависна од буџетски трансфери и политички импровизации.

Тој оцени дека пензиски систем во кој расте зависноста од Буџетот не може долгорочно да се одржува само со политички ветувања, туку бара формална вработеност и повисока додадена вредност, и предупреди дека на секои 100 денари придонеси ПИОМ добива уште 73 денари од Буџетот.

„Оваа бројка ја открива вистинската ранливост на пензискиот систем, кој сѐ повеќе се потпира на буџетска интервенција, а се помалку на доволно широка и продуктивна економска основа“, рече Битиќи, предупредувајќи и на ризиците за интервенирање во средствата од Вториот пензиски столб.

Во подолгата анализа на предложениот ребаланс на Буџетот, Битиќи рече дека предлогот на Владата има уредна форма, но погрешна суштина.

Во говорите се претставува како развоен документ, во бројките се чита како проширена дефицитарна рамка, а во реализацијата се открива како признание за слаб институционален капацитет. Зад зборовите раст, инвестиции и стабилност стојат нови задолжувања, поскапи камати, недовршени проекти, одложени фактури и сè потесен простор за идните буџети. Ова не е развоен ребаланс. Ова е фискално-сметководствено книжење на една промашена економска активност и економска политика. Буџетот има простор за поголем дефицит, но нема доволно визија за продуктивниот сектор. Затоа, ние пратениците од СДСМ нема да бидеме деструктивни. Ќе бидеме конструктивни во носење на овој ребаланс – рече тој.

Потенцира дека овој ребаланс е најслаб таму каде што, како што  вели, една развојна политика треба да биде најсилна – кај домашните компании, индустријата и продуктивната економија.

„Владата зборува за инвестиции, конкурентност и новододадена вредност, но во исто време крати кај програмите што треба да ја носат таа економска сила. Владината приказна за развоен ребаланс звучи само како убав ПР-наслов врз слаб административен капацитет. Развојот не е бројка ставена во буџетска колона. Потребно е таа бројка да стане нов пат, модерна железница, опремено училиште, функционална болница, технолошки подготвена компанија, повисока продуктивност и подобра услуга за граѓаните. Неоспорно е дека оваа Влада има амбиција, но и недостига институционална сила за нејзината реализација“ – рече тој.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, средствата од ребалансот се за реализација и комплетирање на сите планирани и почнати капитални проекти, кои се во интерес на граѓаните.

„Колеги од СДСМ, гледам дека постојано говорите за оние седум милиони евра позајмени од М-НАВ за ЈПДП. И самите знаете во каква ситуација ги оставивте автопатите што се градеа во тоа време и во какви долгови беа претпријатијата и затоа сега постојано од оваа говорница напаѓате, клеветите изминативе денови во медиумите. Инаку, овие средства се наменети за ЈПДП, заем за ЈПДП, затоа што оваа Влада работи на реализација и комплетирање изградба на сите автопати што се во моментот во градба и затоа тие средства му се потребни на ЈПДП. Тие не се потребни за никакви долгови на државата или за никакви долгови на тоа претпријатие, туку за реализација на капитални објекти, кои се во интерес на граѓаните. Во вашето владеење со ДУИ исто така имаше заеми, земаа исти заеми за капитални проекти, кои, за жал, на крајот не се реализираа. А што е најлошо од сè, тие пари што ги позајмивте од претпријатијата како влада и како институции не ги вративте во тие претпријатија и оставивте хаос зад себе“, истакна Стојановски.

Пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ, рече дека ако сме трета економија според раст на БДП, нема да има ценовни шокови, нема да има доцнење на субвенциите за земјоделците, доцнење на помошта што треба да ја имаат ранливите категории, нема да бидат максимално задолжени општини, нема да има 18 милијарди неисплатени обврски кон приватниот сектор, непрофитните организации и здруженија.

Пратеникот Халил Снопче од Алијансата за Албанците рече дека обичниот граѓанин никаде не го гледа економскиот бум.

„Граѓаните гледаат дека минималната семејна кошничка станува сè понеподнослива, дека платите и натаму се меѓу најниските во Европа, дека цените растат повеќе од нивниот животен стандард, голем дел од младите не размислуваат како да изградат иднина во оваа држава, туку како што побргу да си заминат од неа. Прашањето е дали овој ребаланс ќе го промени животот на граѓаните, дали ќе го зголеми стандардот, дали ќе ги намали трошоците за живот, дали ќе се убедат младите иднината тука да ја изградат. За жал, овој документ не ми дава причина да верувам дека одговорот е позитивен. Владата зборува за просечна плата, но таа не е тоа што го добиваат граѓаните. Голем број граѓани земаат многу пониски плати од просечната плата – рече Снопче.

Пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, реплицирајќи му на Снопче, праша каде отишле парите што биле дадени како заем за Општина Гостивар пред пет и повеќе години во износ од 7,1 милиони евра, кои биле за изградба на резервоари за поголем капацитет со крајна цел поефикансно водоснабдување и намалување на загубите на вода. 

„Дали доколку овој проект се реализира според договореното, ние сега во Гостивар ќе ја имавме оваа мака. Добро ќе беше да кажете за интензитетот на градбата на автопатите од Гостивар до Тетово, од Гостивар до Букојчани“, додаде Стојаноска.  

Според пратениците од владејачката коалиција, со предложениот ребаланс на Буџетот, продолжуваат заложбите за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии преку политики што веќе даваат резултати и придонесуваат за поволни економски текови, а крајната цел е раст на економијата и подобар животен стандард на граѓаните и создавање услови за севкупен просперитет.

Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија на Македонија рече дека точно е оти инфлацијата се редефинира на 4,5 проценти. Инфлацијата, посочи, поради енергетската криза во април, беше 5,7 проценти, во мај 4,8 проценти, а во јуни 3,4 проценти, што значи дека сето она што го прави Владата и мерките што ги презема од месец на месец веќе имаме сериозен пад на инлацијата.

„ Значи, 3,4 проценти е инфлацијата во јуни иако е ревидирана на 4,5 проценти, значи многу реално на годишно ниво. Тоа е нешто што се случува во сите држави во Европската Унија не само во нашата држава. Цело време зборувате за седумте милијарди дефицит. Не постои ставка на која не е објаснето каде одат тие средства. Одат за повисоки пензии, плати на администрацијата, здравство, образование, земјоделство“, истакна Станковиќ.