Зеленски побара од Макрон штит од балистички ракети


Киев – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон за итна испорака на системи за воздушна одбрана, можноста за зајакнување на заштитата на украинската инфраструктура и проширување на воената соработка меѓу Киев и Париз.

Зеленски на Телеграм изјави дека една од главните теми на разговорот била одбраната од ракетни напади, како и набавката на дополнителни системи што би можеле да ја зајакнат украинската воздушна одбрана.

„Франција е подготвена да работи на антибалистички системи. Ова е силна одлука и важен чекор“, напиша Зеленски.

Според него, Макрон ја потврдил подготвеноста на Париз да помогне во зајакнувањето на воздушната одбрана на Украина во блиска иднина, особено имајќи предвид продолжувањето на руските напади врз енергетската и другата критична инфраструктура.

Двајцата лидери разговарале и за европската интеграција на Украина, вклучително и отворањето на сите преговарачки кластери во блиска иднина.

Франција ја поддржува Украина и разбира колку е важен овој чекор за сите Украинци“, рече Зеленски, зборувајќи за патот на неговата земја кон Европската Унија.

Во разговорот, како што изјави, беа разгледани и прашања за координација во трети земји. Зеленски објави дека Макрон го информирал за резултатите од неговите посети на африканските земји.

„Разговаравме за важноста на заедничката координација во оваа област, бидејќи е подеднакво важна и за Украина“, рече Зеленски.

Тој додаде дека Киев и Париз ќе продолжат со блиски контакти за воена соработка, европска интеграција и заедничко дејствување на меѓународно ниво.