(ВИДЕО) Ајакс одигра одлично, но Јувентус е преискусен, Барса со предност по првиот меч


Денеска се одиграа првите натпревари меѓу преостанатите две двојки во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Во Манчестер, екипата на Барселона дојде до минимална победа над Јунајтед, па на реваншот на „Камп Ноу“ следната недела ќе има шанса да обезбеди пласман во полуфиналето, првпат по цели три сезони.

Дуелот на великаните не ги оправда очекувањата на фудбалските вљубеници и на „Олд Трафорд“ немаше премногу возбудувања. Двете екипи повеќе калкулираа и тактизираа, а Барселона е таа што може да биде многу позадоволна од остварениот резултат.

Првата посериозна акција на Барселона донесе и водство на гостите. Бускетс со долга топка го проигра Меси во казнениот простор на Манчестер Јунајтед, Аргентинецот нафрли на втората статива за Суарез кој со глава ја испрати топката кон голот, а топката го поткачи Шо и заврши во мрежата на Давид Де Геа.

Помошникот сигнализираше офсајд во таа ситуација, но судиите од ВАР собата му сигнализираа на Роки да го признае голот бидејќи нема недозволена позиција.

Во финишот од првото полувреме Манчестер Јунајтед имаше шанса за израмнување, но Далот шутираше лошо со глава од добра позиција, па на одмор се замина со предност на Барселона.

Во второто полувреме немаше голем број шанси, иако Барселона беше поконкретна. До крајот остана 0:1 за гостите, па автоголот на Шо се испостави како круцијален за Каталонците кои сега имаат фантастичен резултат пред реваншот на свој терен.

https://www.dailymotion.com/video/x75ltvc

Во Амстердам, Ајакс и Јувентус одиграа 1:1, па со тоа „Старата дама“ ќе има предност на реваншот следната недела на домашен терен.

Треба да се напомене дека Ајакс беше подобар противник на вечерашниот натпревар и имаше голем број добри шанси, но на крајот успеа да постигне само еден погодок, додека Јувентус една од ретките шанси успеа да ги претвори во гол.

Јувентус дојде до предност во 45 минута кога Кристијано Роналдо ја затресе мрежата по асистенцијата на својот сонародник Жоао Кансело.

На самиот почеток од второто полувреме, по само неколку секунди игра, Ајакс успеа да постигне гол за израмнување преку Давид Нерес.

https://streamable.com/e3ioy

Тоа им даде мотив повеќе на домаќините кои во второто полувреме заиграа фуриозно и направија голем притисок врз гостите, а имаа и неколку шанси преку Таљафико и Нерес, но не успеаја да дојдат до погодок. Екеленкамп имаше уште една одлична шанса во 81 минута, но Шчесни беше фантастичен на голот, а до крајот се закани и Даглас Коста кој по еден соло пробив ја погоди стативата на домаќините.

Реваншот помеѓу Барселона и Манчестер Јунајтед, односно Јувентус и Ајакс се играат за шест дена во Барселона, односно Торино.