ФИФА: Никој не го продава фудбалот


ФИФА реагираше на острите критики за нејзиниот план за продажба на удели во своите натпреварувања на приватни инвеститори и изјави дека го продолжува процесот на консултации. Одлуката дојде откако европските и северноамериканските асоцијации објавија отпор.

Сите 55 членки на УЕФА, европската фудбалска организација, во четврток објавија дека ќе ги бојкотираат Светските првенства доколку ФИФА продолжи со својот предлог. Планот беше отфрлен и од конфедерацијата КОНКАКАФ, која ги обединува 41 асоцијации од Северна и Централна Америка.

ФИФА има намера да основа комерцијална подружница, Fifa Forward Enterprise (FFE), за управување со клучни натпреварувања, вклучувајќи ги и Светските првенства. Надворешните инвеститори би можеле да купуваат акции во оваа подружница, а ФИФА објави дека ќе бара само „малцински инвестиции без контролни права“.

За да биде прифатен предлогот, 106 од 211 земји-членки на ФИФА мора да гласаат „за“. Со оглед на тоа што УЕФА и КОНКАКАФ заедно имаат 96 асоцијации кои се противат на планот, исходот од гласањето е неизвесен.

ФИФА инсистира дека „никој не го продава фудбалот“. Во соопштение објавено во петок наутро, управното тело изјави дека „неточните медиумски извештаи го нарушија планираниот процес на консултации“. „Ќе продолжиме со процесот за да осигуриме дека секоја национална асоцијација може да гласа врз основа на фактите“, се вели во соопштението.

ФИФА додаде дека ги почитува реакциите и загриженоста на јавноста и ја повтори својата посветеност на отворени и демократски консултации. „Ние го предложивме FFE единствено за да им дадеме можност на сите национални асоцијации да учествуваат во комерцијалниот потенцијал на фудбалот во нивните земји, без да го загрозат духот и управувањето со ФИФА и фудбалот“, се заклучува во соопштението.