ФФМ ја поддржува заедничката позиција на УЕФА: Светското првенство не е на продажба


Фудбалската федерација на Македонија го поддржува ставот на УЕФА околу котроверзниот план на ФИФА за продажба на дел од комерцијалните права за Светското првенство.

– Едногласно и недвосмислено го отфрламе предлогот на ФИФА за пренесување на сопственички удели во Светското првенство и другите натпреварувања на ФИФА на приватни инвеститори. Светското првенство е наследство, а не инвестициски производ. Светското првенство не смее да се третира како инвестициски производ. Тоа претставува едно од најголемите наследства на светскиот фудбал, создавано низ генерации од играчи, национални репрезентации и навивачи од сите континенти. Ниту еден дел од него не смее да биде отстапен на приватни инвеститори, стои во соопштението на ФФМ.

Од ФФМ додаваат дека фудбалот не смее да биде управуван од интересите на инвеститорите.

– Нашето противење не се однесува само на начинот на кој е донесен овој предлог. Во моментот кога надворешни инвеститори ќе стекнат сопственички удели во натпреварувањата на ФИФА, фудбалот неповратно ќе се промени. Комерцијалниот интерес ќе стане трајна обврска, а очекувањата на инвеститорите постојан фактор во процесот на одлучување. Од тој момент, одлуките за меѓународниот календар, форматите на натпреварувањата и идниот развој на фудбалот повеќе нема да се носат врз основа на интересите на играта, туку според интересите на акционерите. За ваков модел нема место во светскиот фудбал. Иднината на фудбалот не смее да биде диктирана од оние чија примарна цел е максимизирање на финансискиот принос. Интересите на националните асоцијации, лигите, клубовите, играчите и навивачите не смеат да бидат подредени на интересите на инвеститорите, потенцираат од ФФМ.

Претходно во текот на денот членките на УЕФА одлучија да ги бојкотираат турнирите на ФИФА доколку се реализира планот на претседателот Џани Инфантино да продаде удел од Светското првенство на приватни инвеститори, се вели во соопштението на УЕФА.