Инфантино го признава поразот. Нема да продава акции од Светското првенство


Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, објави дека го откажува озлогласениот проект „FIFA Forward Enterprise“, преку кој сакаше да продаде малцински удел во Светското првенство преку акции на приватни инвеститори. Инфантино, под притисок од УЕФА, ACF и CONCACAF, европските, азиските и северноамериканските фудбалски организации, го напушти својот план, пренесе Индекс.хр.

„Проектот FIFA Forward Enterprise требаше да создаде основа за понатамошно зајакнување на нашите членови низ целиот свет, особено во оние земји на кои им е најпотребен. На почетокот рековме дека ќе го спроведеме проектот само ако мнозинството членови се согласат со него. Откако ги сослушавме сите страни, стана јасно дека немаме потребно ниво на поддршка.

Нашата цел секогаш ќе биде да се обединуваме и да се подобруваме. Затоа нема да продолжиме со проектот. Мојата цел во следните неколку дена е да ги зближам сите луѓе кои делат исти интереси во нашиот спорт, со цел подобрување на фудбалот насекаде, особено во земјите на кои им е најпотребна нашата поддршка“, објави претседателот на ФИФА.

Што е FIFA Forward Enterprise?

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, им понуди на 211-те национални асоцијации до 35 милиони евра доколку ги поддржат неговите планови за реструктуирање на комерцијалните операции на Светското првенство.

Документот, кој го виде „Тајмс“, ги детализира финансиските стимулации што претседателот на ФИФА сака да обезбеди поддршка за создавање на „ФИФА Форвеард Ентерпрајз“. Новото комерцијално тело би управувало со главните натпреварувања на организацијата и би им дозволило на приватните инвеститори да влезат.

Националните асоцијации имаат околу 50 дена да одлучат дали ќе го прифатат предлогот. Инфантино рече дека прифаќањето на планот би активирало финансиски пакет од 8,7 милијарди евра почнувајќи од 1 јануари 2027 година. За споредба, постојната програма „ФИФА Форвард“ вреди 2,7 милијарди долари и ќе остане на сила доколку предлогот биде одбиен.

„Одлуката дали да се продолжи со овој предлог зависи целосно од вас“, напиша Инфантино во писмото. „Доколку одлучите да продолжите, овој пакет од 8,7 милијарди евра ќе биде достапен од 1 јануари 2027 година, со што ќе започне следната фаза од нашето заедничко патување.

Доколку сакате да го одржите статус кво и да го отфрлите овој предлог, сè уште имаме планирано проширување на програмата „Форвард“ од 2,4 милијарди евра, како што беше претходно презентирано. Според овој предлог, секоја асоцијација ќе има можност да пристапи до 35 милиони евра во циклусот што започнува во 2027 година.“

Претходни контроверзии

Инфантино беше критикуван и за неговите постапки за време на Светското првенство. Тој доби повик од американскиот претседател Доналд Трамп, кој побара преиспитување на црвениот картон што му беше покажан на американскиот напаѓач Фоларин Балогун. Суспензијата на Балогун беше укината кратко време по повикот на Трамп.

Инфантино во тоа време тврдеше дека одлуката е донесена независно од Дисциплинската комисија на ФИФА, но подоцна беше откриено дека настапот на Балогун против Белгија во осминафиналето бил одобрен единствено од претседателот на Дисциплинската комисија, Мохамед Ал Камали. Норвешката фудбалска асоцијација објави дека ќе поднесе официјална жалба до етичкиот комитет на ФИФА поради вмешаноста на Трамп.