Величествен ден за Македонците во Бугарија

Македонците во Бугарија покажаа дека знаат како да се борат за своите права и дека тоа го прават на многу достоинствен и интелектуален начин.


„Да се биде Македонец не е антибугарска работа. Со добрина ќе одговараме на омразата… Не сакаме никого да судиме, само сакаме да бидеме еднакви како и другите граѓани… Сакаме да можеме да се нарекуваме Македонци и да не нѐ навредуваат…“

Овие зборови на Милан Ризаков од ОМО „Илинден“ – Пирин одекнаа најсилно на отворањето на македонскиот културен клуб  „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Тие беа упатени кон граѓаните на Бугарија, но имаа иста тежина и за граѓаните во Македонија, било да се Македонци или преставници на малцинската бугарска заедница. Наспроти сите очекувања и наспроти медиумските извештаи кои се фокусираа на навредите и на упадите од бугарските радикални и маргинални политичари, настанот во Благоевград беше величествен, историски и пресвртнички.

Најпрво, Македонците во Бугарија покажаа дека знаат како да се борат за своите права во Бугарија и дека тоа го прават на многу достоинствен и интелектуален начин. Бугарија, исто така, покажа дека е правна држава овозможувајќи целиот настан со голема наелектризирана енергија да помине без инциденти, додека надгласувањето со бугарските патриотски песни и навредите кон Македонците сепак се во рамките на слободата да се изразат.

Од префокусираноста на тензиите многумина не ја видоа главната вест од Благоевград – дека бугарската држава дискретно ја отвори вратата за прифаќање на македонското малцинство или барем на тие што се декларираат како посебна етничка група Македонци. Настанот покажа дека многу што може да се постигне без омраза и пресметка и дека членовите на ОМО „Илинден“ – Пирин со пораките што ги упатија завршија повеќе работа од политичките партии во Македонија и во Бугарија. Кажаа дека барањето права не значи дека се против бугарската држава. Дека не сакаат да ја распарчуваат Бугарија, туку рамноправно да ја создаваат со Бугарите. Дека не сакаат да се одвојуваат, туку да можат да кажат кои се без да трпат за тоа омаловажувања, притисоци, а во еден период и сериозни репресии. Покажаа дека да си Македонец во Бугарија не е дефиниција за предавство на државата во која живеат, туку дефиниција за љубов кон своето потекло, култура и традиција.

Уште многу време ќе треба да помине додека ова што се случи во Благоевград нема да биде веќе настан за медиумите, т.е. ќе биде нормална појава. Но, процесот почна, а тие што го отфрлија со леснотија францускиот предлог и што веруваа дека со него ѝ се става бугарска јамка на  Македонија, сега треба да се замислат во кој правец одат случувањата, дали отвораат врата за придобивки и за нашите граѓани таму и дали ги исправаат неправдите – место да ги зголемуваат.

Иако македонската влада, со потпис на договорите со Бугарија двапати се обврза дека нема да се меша во внатрешните работи на соседните држави, сепак по она што го видовме вчера стана јасно дека отсуството во Благоевград беше лоша политичка проценка, а дека опозицијата коректно ја одигра својата улога. Додека премиерот Димитар Ковачевски направи баланс повикувајќи ги граѓаните да одат и да се радуваат на отворањето на клубот, шефот на дипломатијата Бујар Османи тотално ја промаши темата со своите оценки ден претходно. Ако не се играше играта „добар и лош“ на релација со Софија – во смисла еден да го поддржи настанот, а другиот да го осуди заради јавноста – тогаш Османи треба да си најде подобар советник за вакви прашања, бидејќи покажа целосно непознавање за начинот како функционира нашата дијаспора, ја потцени улогата на ОМО „Илинден“ – Пирин чии членови со децении трпеа репресии за македонската кауза и ги поистовети намерите на клубовите кај нас со македонскиот во Благоевград, кој носи име на поет обединувач, а не на фашистички соработници.

Кои, пак, се придобивките и последиците од отворањето на клубот во Благоевград, а пред сѐ од најавата на Македонците таму дека ќе бараат да им бидат признати правата? Првата последица неизбежно ќе биде омекнување на односот кон бугарските клубови во нашата држава, иако е тешко да се предвиди дали ќе преживеат имињата со кои сега се накитија. Секој напад и провокација на овие собирања на преставниците на бугарската заедница кај нас сега ќе се мери со односот на бугарската држава кон нашиот клуб во Благоевград, иако Макеоднија покажа исто така дека е правна држава кога се отвораше „Ванчо Михајлов“ во Битола. Со отворањето на државниот културен центар, пак, што го најави премиерот Димитар Ковачевски, ќе се направи политичка дистинкција меѓу претставувањето на Македонија како држава и промовирањето на интересите на македонското малцинство во Бугарија. Колку и да тврдат бугарските политичари дека тоа што се случи викендов било „приватно собирање“ во неодобрен клуб, јасно е дека таквите пораки се наменети за сѐ уште ненавикнатата јавност во Бугарија на промените што се случуваат во однос на Македонија. Пред сѐ, бидејќи полицијата, која имаше главен збор изминатите децении, веќе видливо ја смени страната – сега ги заштитува ваквите собири место самата да ги опструира.

Со отворањето на клубовите на двете страни од границата се отворија и вентили за испуштање на долго таложените бугарско-македонски фрустрации и наедно им се извлече од под нозе „тепихот“ на провокаторите и национал-профитери. Митот за сепаратизмот и за територијалните претензии на ОМО „Илинден“ – Пирин се распрска како сапуница, исто така, при што се виде дека и во Бугарија тоа веќе не го купуваат сите, надвор од ВМРО-БНД на Ангел Џамбаски и Красимир Кракачанов. На крајот на краиштата за какво отцепување, сепаратизам и територијални претензии зборуваат во Бугарија кога приемот во ЕУ значи отворање на границите кон соседите.