Валканиот развод на Унгарија и Полска


Конзервативните десничарски влади на Полска и Унгарија успеаја извесно време да ја диктираат својата волја на целата ЕУ, но на таа блиска соработка се чини дека и дојде крајот. Полска не може да му ја прости на Орбан наклонетоста кон Путин.

Пролетта 2022 година во унгарската амбасада во Варшава пристигна пакет со непријатен мирис: во него имаше измет – не се знае дали е од човек или животно. Тој инцидент пред домашната публика дури неодамна го откри унгарскиот портал „Direkt36“. Тој настан добро го одразува нивото на актуелните односи меѓу Полска и Унгарија. Во исто време, смрдливиот пакет не беше единствената непријатност за унгарската амбасада во Варшава во тоа време веднаш по почетокот на рускиот напад врз Украина.

Поради упорното негување добри односи од страна на Унгарија со Кремљ, во март зградата на унгарската амбасада беше обоена во црвено. Малку подоцна, демонстрантите на оградата околу зградата закачија слика на Виктор Орбан и Владимир Путин како наздравуваат со чаши полни со масло. На страниците на унгарската амбасада на социјалните мрежи се уште може да се најдат гневни коментари од Полјаците за пријателството на Орбан со Путин.

И од круговите на полската влада по почетокот на војната во Украина се слушаа пораки до Унгарија кои дотогаш изгледаа незамисливи. Јарослав Качински, лидер на владејачката партија Право и правда (ПиС), минатата пролет рече дека ако Орбан „не може да ги види руските воени злосторства во Украина, тогаш треба да почне да носи очила“.

Кој е виновен за Втората светска војна?

Врските меѓу Полска и Унгарија се далеку во минатото и се чинеше дека се нераскинливи. Тие датираат од врските на кралските куќи во средниот век, па сè до националното будење во 19 век. И нив ги поврзува заедничката судбина во Источниот блок, исто како ерата на речиси истовремени антикомунистички востанија во 1956 година во Будимпешта и Познањ.

Сепак, се чини дека сега во односите меѓу двете земји настапи ледено доба. И не само тоа: нема веќе пријателство и наклонетост, а сето тоа не наликува на развод во кој партнерите се разделуваат како пријатели. Затоа, унгарското флертување со Путин уште долго ќе остане трн во окото на Полска.

Капката што ја прели чашата беа изјавите на началникот на унгарскиот Генералштаб Габор Беренди во интервју на почетокот на мај. Во врска со војната на Русија против Украина, тој го нарече нападот на Хитлер врз Полска „германско-полска војна која започна како локален конфликт“. „Ескалацијата“, рече Беренди, не може да се спречи со „навремен мировен процес“, кој потоа, нагласи, доведе до избувнување на Втората светска војна.

Тие шокантни изјави предизвикаа остра дипломатска реакција од Варшава. Унгарската влада мораше да се извини. Но, тоа беше само најтешкиот, но не и единствениот дипломатски скандал меѓу двете земји.

Патиштата се разминуваат…

„Патиштата што ги следеа Полска и Унгарија се разделија“, објави полскиот премиер Матеуш Моравјецки на крајот на јули 2022 година. На овој начин тој реагираше на изјавата на Орбан, кој рече: „Унгарците ја гледаат оваа војна како конфликт меѓу два словенски народа, додека Полјаците се сметаат за една од страните во конфликтот.“ Повеќето формални и неформални облици на соработка потоа беа ставени на мраз.

Унгарската влада потпиша нови договори за снабдување со гас со Москва, додека Полска целосно се откажа од увозот од Русија. Варшава е лута од неодлучниот однос на Будимпешта кон одлуките на ЕУ за санкции против Русија и не може ниту да разбере зошто само Унгарија – покрај Турција – не ја ратификувала одлуката за прием на Шведска во НАТО. Варшава не го разбира ниту ставот на унгарската влада дека нема да постапи по налогот за апсење на Меѓународниот кривичен суд доколку рускиот претседател Владимир Путин дојде во Унгарија.

А, токму Виктор Орбан беше модел за полската елита долго време. Јарослав Качински и неговите сопартијци од 2010 година со завист ги гледаат успесите на партијата Фидес на Орбан, која оттогаш победи на четири избори со двотретинско мнозинство. „Длабоко сум убеден дека еден ден ќе ја имаме Будимпешта во Варшава“, се тешеше Качински во 2011 година по поразот од Доналд Туск.

Заедно против Брисел

Кога Качински и неговата ПиС конечно ја презедоа власта во Полска есента 2015 година, се чинеше дека на љубовта меѓу Будимпешта и Варшава и нема крај. Двете влади меѓусебно се поддржуваа за да спречат можни санкции од Европската унија. Тие заедно успешно се спротивставија на прифаќањето на бегалците, особено од исламските земји и го блокираа европското решение за мигрантската криза.

Партијата ПиС внимателно ги копираше унгарските мерки кои на Орбан му донесоа политичка контрола врз земјата. Како и во Унгарија, Уставниот суд на Полска беше исполнет со лојални поддржувачи, а подоцна беше урната независноста на целиот судски систем. И Качински ги претвори локалните јавни служби во гласноговорници на власта и неговата партија. Десничарските конзервативни елити на двете земји ги сметаа за пионери на контрареволуцијата – христијанско-националната алтернатива на либералниот и „гнил“ Запад.

Меѓутоа, во исто време, во Варшава мораа да сфатат дека Орбан прво си ги гледа своите интереси. Така, полската владејачка група во 2017 година сакаше по секоја цена да го спречи реизборот на актуелниот лидер на опозицијата во земјата, Доналд Туск, за претседател на Советот на ЕУ. На изборите во Брисел, пак, полската влада доживеа непријатно изненадување: 27 членки на Унијата – меѓу кои и Орбан – гласаа за Туск, а само еден глас – се разбира од Полска – беше против.

Последна отстапка

Долго време полската владејачка партија замижуваше пред јасните симпатии на Орбан кон Русија, кои продолжија и по окупацијата на Крим. Уште во декември 2021 година, кога имаше јасно предупредување од Вашингтон дека Русија се подготвува за воен поход, Качински организираше состанок на десничарските конзервативни партии во Варшава. Меѓу учесниците беа само пријателите на Путин – освен Орбан и Марин Ле Пен од Француската национална алијанса, таму беше и Сантијаго Абаскал, лидерот на шпанската десничарска партија Вокс.

Тоа беше веројатно најголемата отстапка што Качински беше подготвен да ја направи во име на пријателството со Орбан. Само два месеца подоцна, по почетокот на руската војна против Украина, започна неизбежниот прекин на љубовта меѓу Полска и Унгарија.

Останува да се види колкава ќе биде солидарноста меѓу двете земји во случај ЕУ да покрене постапка и против Варшава и против Будимпешта за кршење на основните принципи на владеењето на правото. Но, едно е сигурно: односот меѓу двете земји ќе може повторно да започне во насока на пријателство само кога Виктор Орбан и неговиот режим ќе бидат минато. 

(Дојче Веле)