Чуден молк околу извештајот на Вајц за Македонија
Освен штурото соопштение од ЕП никој реално не кажа што се случи со фамозниот амандман за Протоколот
Наспроти драмата што го следеше пишувањето на извештајот за Македонија во Европскиот парламент, гласањето вчера во Комитетот за надворешни работи помина речиси беа реакции и речиси без информации. Освен штурото соопштение од ЕП, во кое се спомнува дека немаме прогрес во владеењето на правото и борбата против корупцијата и сме раскарани внатре, никој реално не кажа што се случи со фамозниот амандман за Протоколот, во кој се бараше Европскиот совет да каже јасно дали тој е задолжителен за Македонија, т.е. дали е услов или не за влегување во ЕУ.
Иако се знае однапред судбината на силните заложби за укинување на ветото при гласање за проширувањето, т.е. на консензусот, бидејќи беа нереални, нема воопшто информација како завршија тие и што всушност содржеа 11-те амандмани кои како компромисни беа усвоени вчера, од предложените 4о3 претходно.
Освен за два бугарски амандмана за кои се знае дека беа прифатени, без да се има увид што содржат и тие, нема информација ни од македонското МНР, ни од бугарските медиуми или пратеници што се случи со останатите, бидејќи речиси една третина од 400-те амандмани беа напишани од нив.
Како и при носењето на извештаите изминатите две години се чини дека драмата била само за лечење фрустрации пред гласање, а на гласањето проработеле европски притисоци. Најчудно е што молчат и нашите функционери, кои преку ЕП главно покажуваа мускули кон Бугарија досега, па заклучокот може да биде дека некој ги седнал и притиснал на двете страни да ја спуштат топката, или немаме со што да се пофалиме. Практично, се случува некакво затишје пред самитот ЕУ- Западен Балкан во Тиват каде што би требало да има обид нешто да се реши на заедничка маса.
Единствените реакции за извештајот вчера беа еден поздрав на Антонио Милошоски на усвојување на извештајот на Томас Вајц, без да каже што има во него, две реченици од Вајц во ист стил и две изјави на бугарски пратеници, од кои еден прогласи делумна победа околу извештајот, откако со месеци се жалеа дека сами ја водат битката во Брисел и дека, ако поминат неповолните ставови за Бугарија, извештаите на ЕП и „онака не значат ништо“.
Така, бугарскиот европратеник Андреј Ковачев од ГЕРБ, која веќе не е дел од власта, порача дека е време Скопје да престане да го користи „лошиот источен сосед“ како изговор и да ја префрла одговорноста на Бугарија.
„Убеден сум дека во Скопје многу добро разбираат што треба да направат – да почнат да ја спроведуваат преговарачката рамка што самите ја усвоија и која е основа на нивниот европски пат. Време е да престанат да го користат ‘лошиот источен сосед’ како удобен изговор и да ја префрлат сопствената одговорност врз Бугарија. Вистината е јасна – нема вето од Бугарија. Постојат европски услови, договорени и прифатени од сите земји-членки, вклучително и самата Северна Македонија. Додека овие обврски не се исполнат, не може да има напредок кон членство. Не поради Бугарија, туку поради одбивањето на владата во Скопје да ги спроведе обврските што ги презеде“, изјави Ковачев по изгласувањето на извештајот за напредокот на Македонија од страна на Комитетот.
Тој порача дека европската интеграција бара реформи, спроведување на преземените обврски и почитување на добрососедските односи. „Сè друго е обид да се одвлече вниманието од вистинскиот проблем“, рече Ковачев.
Илија Лазаров од Сојузот на демократските сили пак напиша дека извештајот е „голем успех за објективноста“, но забележа дека имало и „мали играња од страна на колегите од Левицата, Зелените, па дури и од некои од Европската народна партија“. Според него, во извештајот што беше усвоен, а треба да биде потврден или изменет на пленарна седница на ЕП овој месец, биле вклучени многу бугарски амандмани, но лично мисли дека можел да биде и пообјективен, па затоа гласал против него.
Инаку, во соопштението по гласањето стои дека „напредокот на Северна Македонија во реформите за ЕУ е недоволен, особено во владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата“. Во него исто така се порачува дека во земјава постои силна политичка поларизација и дека постои опасност од малигно странско мешање и кампањи за дезинформации.
Во извештајот пратениците ја нагласуваат својата целосна поддршка за посветеноста на Северна Македонија на членство во ЕУ, нагласувајќи дека напредокот во преговорите за пристапување продолжува да зависи од трајни и длабински реформи. Тие жалат за недостатокот на напредок од последниот извештај и нагласуваат дека итно се потребни обновена политичка посветеност и меѓупартиска соработка, не само за усвојување на потребните уставни амандмани што би овозможиле отворање на првиот преговарачки кластер.
„Додека демократските институции во земјата продолжуваат да функционираат задоволително, политичката поларизација е во тек и продолжува да ги одложува клучните реформи и назначувања“, се вели во извештајот.
Пратениците ги повикуваат сите политички партии да се повлечат од жестоката реторика и да соработуваат за унапредување на европската траекторија на земјата. Тие исто така забележуваат дека сеопфатната изборна реформа е задоцнета.
Изразувајќи загриженост за недоволниот напредок во независноста на судството и напорите за борба против корупцијата, европратениците предупредуваат дека корупцијата останува распространета во многу области и укажуваат на јазот помеѓу објавените истраги и конечните пресуди во случаите на корупција на високо ниво. Тие подвлекуваат дека одржливиот економски раст зависи од зајакнувањето на владеењето на правото и судската предвидливост.
Европратениците, исто така, предупредуваат на координирани обиди за манипулирање со информациската средина и поткопување на довербата во демократските институции и европската иднина на земјата преку малигно странско мешање и кампањи за дезинформации.
Во исто време, тие ја поздравуваат силната усогласеност на Северна Македонија со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ. (С.Ј.)