Том Круз не личи на себе во новиот филм „Дигер“


Лос Анџелес – Објавен е првиот целосен трејлер за долгоочекуваната драма-комедија „Дигер“ (Digger) од мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалез Ињариту, каде што Том Круз ја глуми насловната улога.

Филмот ќе се прикажува ширум светот од почетокот на октомври, а Круз го игра Дигер Роквел – „најмоќниот човек на светот“, кој се впушта во мисија да ја спаси планетата од еколошка катастрофа… Пред објавувањето на трејлерот, на претставувањето од студиото на „Ворнер брос“ во Лос Анџелес, според „Холивуд репортер“, американскиот глумец им рече на новинарите и обожавателите дека ова е проект на каков што никогаш порано не работел. А пак, она што е уште повпечатливо е преобразбата на Круз во оваа улога.

– Никогаш не сум направил ништо што ме предизвикало на ваков начин, а истото важи и за Алехандро кога го почнавме овој проект. Кога ќе го видите филмот, ќе видите дека е сосема оригинален, рече глумецот.

Во трејлерот, Том Круз се појавува со седа коса исчешлана преку главата, стомак и силен јужњачко-американски нагласок. Ликот е нафтен магнат чија компанија можеби предизвикала еколошка катастрофа што би можела да доведе до нуклеарна војна. Тој „тргнува на очајничка мисија да докаже дека е спасител на човештвото, пред катастрофата што ја предизвикал, да уништи сè“, според официјалниот опис на филмот.

Во споредните улоги се Џон Гудман, Риз Ахмед, Мајкл Стулбарг, Џеси Племонс и Софи Вајлд. Во една прилика, Круз рече дека ѝ се восхитува на работата на Ињариту уште од драмата од 2000 година „Кучешка љубов“ (Amores Perros).

– Каков брилијантен филм. Неверојатно! Кога го погледнав, не знаев како да се чувствувам, но мојата реакција беше: „Што, по ѓаволите? Кој е овој човек?“ Глумата. Сценографијата. Боите во филмот. Секој аспект од тоа беше внимателно изработен, многу подробно и можеше да се почувствува силниот авторски печат на некој што е исклучително вешт во она што го прави, рече тогаш актерот.

Според „Варајети“ (Variety), Ињариту му ја предложил идејата за „Дигер“ на Круз пред околу седум години – читајќи му од сценариото на глас.

– Слушнав сè што му беше во главата за да го разберам, а потоа знаев како можам да придонесам и како можеме да ја изградиме таа соработка заедно. Беше прекрасно. Нема ништо подобро од буквално и метафорично да стоиш на работ на карпа и да кажеш: „Ајде да го направиме ова. Ти верувам и што и да правиме, знам дека ќе биде неверојатно искуство“, додаде Круз.

Ињариту, пак, замислата за новиот филм ја добил додека го привршувал филмот „Повратникот“ (The Revenant) од 2015 година, за којшто го освои „Оскарот“ за најдобар режисер, а Леонардо Дикаприо ја доби статуетката за најдобар глумец.

– Знаев како зборува овој лик, како преживува, како ја заведува реалноста да се согласи со него. Но, ми требаа 10 години да го направам овој филм, бидејќи не барав приказна. Барав вистински начин да ја раскажам приказната. Филмот е апсурден, опасен, но секако и комичен, бидејќи изворот на одличната комедија е трагедијата – изјави мексиканскиот режисер.

„Дигер“ е снимен во „Виставижн (VistaVision)“ – аналоген процес со висока резолуција првпат воведен во 1950-тите, а повторно се појави последниве години. Филмовите „Бруталист“ и „оскаровскиот“ „Една битка по друга“, исто така, се снимени на овој начин.