Мицкоски ѝ кажа збогум на Европската унија. Ќе чека покана за членство

Премиерот прв пат најотворено досега кажа дека неговата влада ќе чека ЕУ да ја покани Македонија да биде дел од блокот и тоа да биде „конструктивно“


 

Дали премиерот Христијан Мицкоски полека почнува да ја отвора вратата за назад од патот кон Европската унија?

Ако се суди по неговата денешна изјава Македонија како да се откажува од сите години од 2005, кандидатскиот статус и сѐ што следеше потоа, вклучувајќи ги и скрининг процесот, преговарачката рамка и првата меѓувладина конференција и сегашната влада ќе чека да добие покана од Европската унија за членство, а државата ќе биде подготвена да го прифати тоа ако предлогот е конструктивен.

„Оваа влада има принципиелен став. Ќе продолжиме со реформите и ќе бидеме први по нивната реализација. Ако некој смета дека оваа држава, која се наоѓа во срцето на Балканот, со мирољубив народ, вредни граѓани, домаќини и посветени луѓе, треба да биде дел од Европската унија, тогаш ние сме подготвени да направиме сè што е конструктивно, но не и деструктивно“, одговори Мицкоски денеска на новинарско прашање за време на посетата на Охрид.

Прашањето беше во врска со големиот ден што го најавува ЕУ и ќе се случи во вторник, кога Украина и Молдавија ќе го отворат вториот од шесте кластери реформи, што ги опфаќа надворешните односи и надворешната политика. А Црна Гора и Албанија треба да затворат по три поглавја. Црна Гора треба да затвори поглавја за политиката на конкуренција, царинската унија и транспортната политика. За Албанија тоа се кластерите науката и истражувањето, образованието и културата и надворешните односи.

Мицкоски рече дека фокусот на владата што ја предводи ќе биде насочен на корисни проекти за државата.

Тој повторно ја обвини опозицијата дека таа ја довела Македонија во сегашната, прифаќајќи предлог што не успеала да го испорача и кој е целосно асиметричен во однос на националните интереси на граѓаните и на државата.

„Јас чувствувам одговорност единствено пред граѓаните. А граѓаните во овој момент ја даваат својата поддршка на политиките што ги води оваа Влада, а политиките на оваа Влада се да го испорача она што може да го испорача и тоа го покажаме, покажавме и со декемврискиот извештај, а ќе го покажеме и со јунскиот извештај – дека, во суштина, сме најнапредната држава во регионот кога станува збор за спроведување реформи. За мене, промена на Уставот не е реформа. Граѓаните очекуваат лидерството на македонската влада да го заштити македонскиот национален идентитет. Ние токму тоа и го правиме. Нема цена по која би правеле безусловни отстапки“, порача Мицкоски.

Премиерот додаде дека постои простор за договарање, за разговори и барање решенија, оти владата е конструктивна и таква и ќе остане, но повтори дека нема да стави безусловен потпис на она што го прифатила претходната влада. 

„Додека сум на оваа функција, нема да направам тоа. На крајот, ќе дојдат избори. Граѓаните ќе го кажат својот суд. Ако сметаат дека сум погрешил, ќе гласаат за спротивната политичка опција. Ние ќе заминеме во опозиција, а јас ќе се повлечам од политиката. Но, мислам дека народот е уморен од национални отстапки без какви било гаранции за исполнување на конечната цел“, рече премиерот.

Лидерот на опозицката СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека Македонија се откажала од европскиот процес.

„Додека Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија одат напред, Македонија останува надвор од европската мапа и надвор од европската агенда поради погрешните политики на владата на ВМРО“, рече Филипче. Тој рече дека најавениот „супер вторник“ на 14 јули е јасен доказ дека Европската унија го држи проширувањето високо на својата агенда, но Македонија не е дел од тој процес.

„По најавата за така наречениот супер вторник, кој е следниот вторник, на 14 јули, ќе се одржат повеќе меѓувладини конференции за четири земји, очигледно идните земји-членки, а сега кандидати за членство во Европската унија. Со конкретни чекори Европската Унија кажува дека проширувањето е високо на листата на приоритети во нивната агенда. Вчера и од Европската унија стигна доказ дека ние не постоиме на европската агенда. Очигледно е дека, благодарение на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ние повеќе не сме на тој пат“, потенцираше Филипче.