Никола Петровски со колекција инспирирана од водата на „Модни мостови на Балканот“ во Подгорица


На 27.06.2026 во Подгорица, на платото пред замокот Петровиќ, се одржа регионалниот моден настан „Модни мостови на Балканот“. Станува збор за настан што собра истакнати дизајнери од шест земји од регионот. Публиката имаше можност да види шест модни ревии од реномираните дизајнери: Никола Петровски (Македонија), Каја Хроват (Словенија), ХААД (БиХ), Ивица Скоко (Хрватска), Драгана Огњеновиќ (Србија) и Наташа Пејовиќ (Црна Гора). Настанот беше дел од прославата на 20 години независност на Црна Гора, која преку мода, креативност и соработка дополнително ги зајакнува културните врски во регионот.

Битолскиот дизајнер Никола Петровски беше македонскиот претставник кој со колекцијата за пролет-лето 2026  насловена „Вода“ го одбележа и својот јубилеј 30 години модно творештво.

Се работи за летна колекција инспирирана од водата. Водата како дожд, како река, како море… Водата како здравје, како лек за душа…

Колекцијата се состои од женски и машки модели изработени пред се од различни природни материјали, памук, памук со ликра, лен, вискоза, а се наштампани со различни апстрахирани „водени“ дезени, како и со сино бели линии како асоцијација на море… Дел од искористените материјали се остатоци од претходни колекции, носејќи го духот од триесетте години креативна работа… Истиот крој е искористен за  повеќе модели изработени од различни материјали за да се добијат различни изгледи со различно движење…

Овој уникатен моден спектакл на отворено беше организиран од агенцијата Медиа Консалтинг со поддршка на главниот град Подгорица, Туристичката организација на Подгорица и Секретаријатот за култура и спорт.

Оливера Милачиќ, сопственичка на агенцијата „Медиа консалтинг“, која е организатор на настанот, во својот воведен говор рече дека „не е важно од колку мала земја доаѓате, туку колку големо срце имате за она што го создавате“.