Сирски: Украина од почетокот на годината врати повеќе од 600 квадратни километри територија


Вооружените сили на Украина од почетокот на годинава вратија под своја контрола повеќе од 600 квадратни километри територија, соопшти денеска главниот командант на украинската армија, Олександр Сирски.

Во објава на Телеграм, Сирски наведе дека само во текот на минатиот месец Украина вратила 100 квадратни километри повеќе територија отколку што изгубила.

Тој не прецизираше на кои делови од фронтот биле постигнати овие успеси, наведувајќи само дека украинските сили продолжуваат да „ја задржуваат иницијативата“ на „одделни делници од линијата на фронтот“.

Тврдењата на завојуваните страни не можат независно да бидат потврдени.

Минатата недела Институтот за проучување на војната објави дека Украина во мај вратила повеќе територија отколку што изгубила, втор месец по ред.

Американскиот аналитички центар ги објави овие податоци во време кога украинската армија тврди дека во последниот период повторно презела контрола врз стотици квадратни километри територија, особено во Днепропетровската Област, во близина на административните граници со Донецката и со Запорошката Област во источниот дел на земјата.