Има и мртви во земјотресот во Јапонија, а расте и бројот на повредени


Неколку лица загинаа во урнатиот трговски центар во јапонскиот град Кумамото, објави телевизијата Асахи, повикувајќи се на полициски извор, откако силен земјотрес го погоди внатрешноста на островот Кјушу, но без конкретни бројки.

Според најновите информации, расте бројот на повредени во силниот земјотрес што ја погоди Јапонија.

Како што претходно беше објавено, повеќе од 50 повредени лица се примени во една болница. Друга болница сега пријави околу 40 повредени, вклучувајќи десет лица во сериозна состојба, јавува НХК.

Локалните медиуми, исто така, јавија дека се повредени неколку патници кои биле во брз воз во времето на земјотресот.

Снимките објавени од NHK покажаа повеќе пожари, оштетени мостови, излетан товарен воз од шините и испукани патишта на островот Кјушу. Телевизиската куќа соопшти дека најмалку 12 куќи се урнале. Неколку луѓе биле заробени во трговскиот центар „Еон“ во Кумамото откако експлозија ја погодила зградата по земјотресот.

Јапонската телевизија NHK претходно објави дека службите за итни случаи не биле во можност да стапат во контакт со помеѓу 20 и 30 работници во трговскиот центар, поради што се стравуваше дека поголем број луѓе се заробени во зградата.

Трговскиот центар „Aeon Mall“ беше делумно уништен во експлозијата што следеше по земјотресот. Трговскиот и забавен комплекс беше повторно отворен минатиот месец, по реновирањето по смртоносниот земјотрес што го погоди подрачјето пред десет години.

Силен земјотрес денеска ја погоди југозападна Јапонија, предизвикувајќи уривање на бројни згради и избувнување пожари. 

Околу 300.000 луѓе беа повикани да се евакуираат

Околу 300.000 луѓе беа повикани да се засолнат во центрите за евакуација бидејќи последователните потреси продолжуваат да го погодуваат јапонскиот остров Кјушу, соопшти јапонската агенција за управување со катастрофи. Во погодената област беа испратени и неколку стотици војници за да помогнат во спасувачките операции.