Нивото на водата во Дунав на најниско ниво во последните 30 години. Романија затвора нуклеарен реактор
Романската државна компанија „Нуклеарелектрика“ денес го затвори реакторот во нуклеарната централа Чернавода како превентивна мерка поради рекордно ниските нивоа на водата во Дунав, соопшти Министерството за енергетика, велејќи дека мерката имала за цел да го заштити системот за ладење. Реакторот беше привремено исклучен за да се спречи евентуално оштетување на системот за ладење, кој користи вода од Дунав, соопшти Министерството.
Нивото на водата во романската река Дунав минатата недела падна на најниско ниво во последните три децении, што ги натера властите да ја ограничат употребата на речната вода за наводнување, објави „Романија Инсајдер“. „Нуклеарелектрика“ денес соопшти дека го затворила реакторот Чернавода во согласност со контролираните процедури што се користат во случај на екстремно ниски нивоа на водата во реката, додавајќи дека мерката имала за цел да ја зачува нуклеарната безбедност и сигурност на централата.
Компанијата наведува дека одлуката се базира на најновите прогнози на Романскиот национален институт за хидрологија и управување со водите, нагласувајќи дека состојбата на Дунав се следи внимателно. Доколку нивото на водата се намали уште повеќе, компанијата би можела привремено да го исклучи и вториот реактор.
Според Светската асоцијација за нуклеарна енергија, нуклеарната централа во Чернавода има два реактора базирани на канадска CANDU технологија, секој со моќност од 706 мегавати, и задоволува околу една петтина од потрошувачката на електрична енергија во Романија.
Порталот „Романија инсајдер“ наведува дека врвната потрошувачка на електрична енергија оваа недела се проценува на околу 7.300 мегавати, а домашното производство достигнува 4.300 мегавати, па затоа разликата ќе се покрие со увоз.