„Пинк Пантер“ не е една, туку тоа се повеќе групи

Тетово – Јас секогаш сум била добра, а тие што се лоши секогаш биле лоши, без разлика дали биле доктори, професори, адвокати, тие не се сите чесни, така што личностите ги делам на чесни и нечесни, без разлика на која професија припаѓаат. Не мислам дека во овој граѓански свет сите се чесни, тоа го видов сега и во книжарството каде што претпоставуваме дека луѓето се образовани и морални. Тука сретнав многу нечесни луѓе, ни изјави Оливера Ќирковиќ на промоцијата на својата книга „Јас, Пинк Пантер“, која се одржа во Тетово. Книгата претставува нејзина автобиографија кога живеела во светот на криминалот, но и во, како што таа го нарекува, обичниот граѓански свет.

Ретки се книгите што на некој начин се биографија за самиот автор, кој животот го поминал по затвори и во организации како „Пинк Пантер“, како во Вашиот случај. За што точно станува збор?

  • Да, така е, ретки се ваквите книги што се биографии и што се вака искрени отворени, ова е дефинитивно мојот живот на дланка. Книгата е пишувана во неверојатни услови во затвор, тоа е затворски дневник кој е преточен во три книги, трилогија, овде е првиот дел од книгата. Има и втор, но тој е само на српски, а првиот дел е преведен и на македонски јазик и направи голем успех во целиот регион. Јас сум потресно искрена во книгата, ништо не сум сокрила. Тука не го опишувам мојот живот додека бев во криминалните води, тука има светла и темна страна, тука е опишан и мојот спортски живот, потоа доаѓа скок во темната страна, па потоа враќање, еве сега доаѓање од тој жигосан свет некако како победник. Книгата повеќе е како тема на карактер отколку како тема на криминал.

Изгледа невообичаено еден учесник во криминалниот свет да пишува автобиографија и таа потоа да се отпечати во големи тиражи. За што точно се работи во книгата?

  • Дефинитивно, книгата е автобиографија. Од моето раѓање до затворот и потоа. Мој осврт од затворската ќелија, го опишувам односот во затворот, судството, полицијата, моето бегство од затворот. Мојот живот до 30-35 години беше одличен, имав успешна кариера. Распадот на Југославија за мене е важен, бидејќи сè уште сум југоносталгичар, без разлика што таа Југославија се распадна. Јас ја носам во срце. По моите спортски успеси, продолжува една тешка приказна која мора да ја прочитате. Тука некаде јас се запознав со мојот поранешен сопруг кој е престапник и јас некако влегов во тој свет, не поради него туку ми се отвори нова врата, нови лица. Значи, да влезам во криминал беше моја одлука, едноставно парите ми беа привлечни само поради парите, ништо повеќе, никаков авантуризам. Имав некој бунт во себе кон системот, не сакам да служам, не сакам правила, не сакам сите да одиме во ист правец, треба да се одговори на некои други предизвици и да се победи. Јас го избрав обратниот правец и мислам дека не е погрешен. Бидејќи сум врвна кошаркарка, веднаш давам предлози и се наметнувам и некако станав лидер, организатор. За тоа ми беа потребни способни момци кои ги запознав преку сопругот, со нив станав пријателка и така низ годините додека дојдов во затвор и на крај побегнав. Тогаш бев осудена на 32 години затвор и бев безнадежна дека никогаш нема да излезам, така што во мене се роди некој бунт да покажам дека сум жива. Книгата е напишана токму поради тоа, да покажам дека сум жива. Додека себеси не се спознаеш, не може другите да ги победиш.

Како се одлучивте да престанете да се занимавате со криминал?

  • Не знам ни самата, тоа е тешка одлука. Јас излегов од затвор по седум и пол години и не се одлучив да прекинам. Затворот тоа не те учи, затворот е место каде што може да станеш уште поголем криминалец. Јас пак се вратив во криминалот и по пет до шест тешки искушенија, кога го погледнав син ми во очи, сфатив дека премногу го заморив и некако донесов одлука. Тоа беше тешка одлука затоа што е многу тешко да се тргнеш од криминалот и да се вратиш во нормален живот. За нас овој граѓански живот е непознат, ние се плашиме од овие луѓе наоколу, дефинитивно за оваа година колку што сум во граѓанскиот живот, тешки се луѓето во овој живот, потешки отколку во тој претходно, таму подавање рака за договор збор значи и се почитува, а тоа овде ништо не значи. Овие морални и чесни кои самите така се нарекуваат воопшто не се почесни од нечесните, не можам да ја најдам границата. Затоа јас не можам за себе да кажам дека претходно бев добра, а сега сум лоша.

Дали сè уште сте во контакт со „Пинк Пантер“?

  • Не во смисла да се дружиме, многу се одвоив од нив, така што секое поврзување со нив ќе беше за мене предизвик и секое поврзување со нив ќе биде ризично. Се разбира дека јас за тие луѓе имам чувство, не за сите, со некои сум блиска, но патиштата веќе ни се раздвоени.

Да не беше насловот на книгата „Пинк Пантер“, можеби немаше да биде толку привлечна за читателите. Од каде дојде името „Пинк Пантер“ за оваа криминална група?

  • Тоа име го дадовме од маркетиншки аспект за да привлечеме луѓе. Сите мои криминални активности и судски процеси се поврзани со организиран криминал и со групата „Пинк Пантер“. Но мора да кажам дека е мит оти постои една група која работи на одредено подрачје, односно Европа. Тоа се повеќе групи, повеќе банди кои се здружиле од интерес и немаат никаква врска со една организација, една глава или некаква хиерархија. Јас си имав своја група. Но имаше и други.

Зоран Димовски