„Горчлив Божиќ“ на Алмодовар од Кан доаѓа во Скопје
Ова моќно емотивно остварување, во кое главните улоги ги играат Барбара Лени и Леонард Сбараља, премиерно ќе биде прикажано на 28 мај во кината ширум земјава.
Шест години по филмот „Болка и слава“, прославениот шпански режисер Педро Амадовар се враќа во главната натпреварувачка програма на Канскиот филмски фестивал со своето ново дело „Горчлив Божиќ“ (Amarga Navidad), кое ќе стигне до домашната публика по светската премиера во Кан. Премиерата на филмот во Скопје е закажана за 28 мај во во киното Cineplexx.
По „Соседната соба“, неговиот прв долгометражен филм на англиски јазик, Алмодовар се враќа во Шпанија, во својот препознатлив авторски сензибилитет и во соработките со актери кои ја одбележале неговата филмска кариера. Снимен во Мадрид и на живописниот остров Ланзароте, „Горчлив Божиќ“ собира исклучителна екипа предводена од Барбара Лени и Леонардо Сбарала, заедно со Аитан Санчез-Хихон, Милена Смит, Ким Гутиерез и една од музите на Алмодовар, Рози де Палма.
Во центарот на приказната е режисерката Елса, играна од Барбара Лени, жена која по смртта на нејзината мајка се обидува да ја потисне болката и празнината со целосно посветување на својата работа. Кога околностите ја принудуваат да направи пауза, таа оди во Ланзароте со својата пријателка Патриција, која исто така се соочува со лична криза откако дознава за неверството на нејзиниот сопруг. Паралелно со нивната приказна, се развива и линијата на филмскиот режисер и сценарист Раул, игран од Леонардо Сбарала, и преку нивните средби и разговори, Алмодовар ја истражува тенката линија помеѓу реалноста и фикцијата, како и цената што уметноста понекогаш ја бара од оние што ја создаваат.
Како и во многу негови филмови, музиката игра важна улога во атмосферата и емотивниот тон на приказната. Насловот на филмот е инспириран од песната „Amarga Navidad“ од легендарната мексиканска пејачка Чавела Варгас, чиј глас и уметност Алмодовар со години ги наведува како едно од неговите најголеми влијанија.
„Горчлив Божиќ“ веќе се најавува како едно од најинтимните и емоционално најсложените дела на Алмодовар во последните години, во кое познатиот режисер повторно ги спојува мелодрамата, хуморот, женските судбини и моќните визуелни симболи по кои стана препознатлив низ целиот свет.