Книжевна средба со естонската поетеса Дорис Карева на Филолошкиот факултет
Во рамките на третото издание на манифестацијата „Денови на поезијата“, во соорганизација на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на 15 мај 2026 г. (петок), во 12 часот, во Библиотеката за македонска книжевност и култура ќе се одржи книжевна средба со естонската реномирана поетеса Дорис Карева.
Дорис Карева (1958, Талин) е поетеса, преведувачка и уредничка. Авторка е на петнаесетина поетски книги, меѓу нив една за деца, како и на по една книга есеи и проза. Таа е и преведувачка на поезија (Ана Ахматова, Емили Бронте, Емили Дикинсон, Руми), но и на драми, есеи и проза (В. Х. Одн, Семјуел Бекет, Јосиф Бродски, Калил Џибран, Шекспир). Приредила неколку антологии на естонски и на англиски јазик. Уредничка е на литературното списание „Лооминг“, а периодот од 1992 до 2008 година била генерален секретар на Националната комисија на Естонија за УНЕСКО. Нејзината поезија честопати е изведувана и поставувана на сцената. Соработувала со многу композитори, драматурзи, музичари и кореографи во Естонија и во странство. Нејзините песни, раскази и есеи се преведени на повеќе од 20 јазици. Добитничка е на две национални награди за култура (во 1993 и 2005 година), пет литературни награди, една музичка награда и неколку стипендии. Во 2001 година е одликувана со „Орденот на Белата ѕвезда“.
Нејзината стихозбирка „Денови на милост“ (ПНВ, 2026) е неодамна објавена на македонски јазик, во препев на Јулијана Величковска, а песни од оваа книга ќе бидат прочитани од страна на студенти од Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет.