Пет месеци им доцнат исплатите за придонеси: Самостојните уметници со отворено писмо до Љутков


Фото: Б. Грданоски

Самостојните уметници во Македонија, упатија отворено писмо до Министерството за култура и министерот Љутков во врска со сериозниот и долгогодишен проблем со доцнењето на исплатите за придонеси.

Писмото го објавуваме во целост: 

„Ние, самостојните уметници корисници на правото на уплата на придонеси преку
Министерството за култура и туризам, Ви се обраќаме поради сериозното доцнење на
исплатата на средствата за придонеси за 2026 година.
Иако веќе се доближува средината на мај, самостојните уметници сè уште немаат
добиено исплата, што нè доведува во ситуација повторно сами да ги подмируваме
придонесите за да избегнеме долгови, камати и прекин на здравствено осигурување.
Ова не е изолиран проблем, туку продолжение на долгогодишна системска пракса во која:
● исплатите доцнат;
● износите не соодветствуваат со реалните обврски кон УЈП;
● самостојните уметници ја покриваат разликата од сопствени средства.
Особено загрижува фактот што овој проблем се повторува со години, и покрај
укажувањата од страна на самостојните уметници, сметководители и други стручни лица.
Бараме:
1. Итна информација за причините за доцнењето на исплатата;
2. Итна исплата на средствата;
3. Усогласување на пресметките со официјално објавените основици од УЈП и
Државниот завод за статистика за тековната година;
4. Координација помеѓу Министерството за култура и туризам, Министерството за
финансии и УЈП со цел трајно решавање на овој проблем;
5. Да се прекине практиката самостојните уметници да ги кредитираат институциите
преку авансно плаќање на придонеси од сопствен џеб.
Сакаме да нагласиме дека ова право не претставува „помош“, туку законски предвиден
механизам за социјална и професионална заштита на самостојните уметници, кои и онака
функционираат во нестабилни и несигурни услови.
Очекуваме итно постапување и писмен одговор.“