Концерт на Македонската филхармонија вечерва во Струга


Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва од 19 часот ќе одржи концерт во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, со што ја продолжува својата мисија за промоција на класичната музика во градовите низ државата.

Под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, оркестарот пред струшката публика ќе се претстави со програма составена од музика од познати балети.

На репертоарот се Суита бр. 2 од балетот „Лабин и Дојрана” од македонскиот композитор Трајко Прокопиев, Полонеза, Валс, Танц на четирите лебеди и Шпански танец од балетот „Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски, Па де де од балетот „Дон Кихот“ на Лудвиг Минкус, како и „Валпургиска ноќ“ – балетскиот дел од операта „Фауст“ на Шарл Гуно.

Гостувањето на оркестарот на Македонската филхармонија се реализира во соработка со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура.