Трето издание на „Деновите на поезијата“ од 14 до 16 мај во Скопје Сити Мол
Под мотото „Поезијата е свртена кон човекот, се создава за него и ги дели неговите соништа“, од 14 до 16 мај во Скопје Сити Мол ќе се одржи третото издание на „Денови на поезијата“, во организација на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“.
Како што информираат организаторите, годинашната програма ќе биде посветена на соништата на македонските поети, „оние што се со нас, и оние што веќе ги нема“, со цел да се продолжи мисијата за поврзување на различни поетски генерации.
Во рамки на манифестацијата, во киното „Синеплекс“ ќе настапи и „ПОЕТРОНИКА“ со концертот „Кон Ацо Шопов“, современ музичко-поетски омаж на творештвото на Ацо Шопов. Во „Синеплекс“ ќе се одржи и Државниот рецитаторски натпревар за ученици од основно и средно образование, на кој се очекува учество на голем број деца од целата земја.
Манифестацијата традиционално ќе започне со одбележување на јубилеи на истакнати македонски поети и творци, меѓу кои Васил Куноски, Волче Наумчески, Блаже Конески, Видое Видичевски, Илхами Емин, Анте Поповски, Љупчо Стојменски, Љубен Ташковски, Петар Т. Бошковски, Михаил Ренџов, Светлана Христова-Јоциќ, Атанас Вангелов и Васил Пујовски.
Во текот на Деновите ќе бидат одбележани и јубилејните родендени на Јован Стрезовски, Иван Чаповски, Ефтим Клетников, Катица Ќулавкова, Ванчо Полазаревски и Гордана Јовиќ-Стојковска.
На поетската сцена ќе настапат современи македонски поети, меѓу кои Лира Бојку, Ристо Василевски, Вероника Димоска, Саранда Мехмеди, Нино Наумовски, Елена Пренџова, Михајло Свидерски, Милена Силјаноска, Стефан Спасовски, Виолета Танчева-Златева и Лејла Шериф Емин.

Организаторите најавуваат и меѓународно учество, при што годинава како почесна гостинка ќе настапи естонската поетеса Дорис Карева, која се смета за едно од најзначајните имиња во современата европска поезија.
Во чест на Анте Поповски, на манифестацијата ќе бидат поканети и млади добитници на наградите што го носат неговото име.
Годинава се одбележуваат и 55 години од првото издание на „Златно славејче“, како и 90 години од раѓањето на композиторот Александар Џамбазов. По тој повод, на 16 мај ќе биде организирана поетско-музичка програма низ која публиката ќе ја води Игор Џамбазов, а предвидено е учество и на ученици од основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“.
Публиката ќе може да учествува и во интерактивни содржини, меѓу кои „Ѕидот на поезијата“ и наградната игра „Поетско тркало на среќата“.
Како новитет, годинава ќе биде организиран и Поетски саем на книгата, замислен како простор за средба меѓу поетите, издавачите и читателите и за промоција на современата поетска продукција.
Од фондацијата посочуваат дека „Денови на поезијата“ годинава за првпат стануваат дел од агендата на „Поетската пролет“, француска иницијатива со меѓународен карактер посветена на поетската и културната размена.
Партнери на манифестацијата се Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност при УКИМ, основните училишта „Ацо Шопов“ и „Владо Тасевски“, издавачките куќи „Литература.мк“, „ПНВ Публикации“ и „Чудна Шума“, Македонскиот ПЕН Центар, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, младинското здружение „Култура бета“ и киното „Синеплекс“.