Операта „Тоска“ на програмата на 54. Мајски оперски вечери
Во рамките на 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“, денеска на сцената на Националната опера и балет со почеток во 20 часот ќе биде изведено ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, едно од најпознатите и најизведувани дела во светската оперска литература.
„Тоска“ е опера во три чина од Џакомо Пучини, создадена врз либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза, инспирирано од драмата на Викториен Сарду. Од својата премиера до денес, делото го задржува вниманието на публиката со својата драмска напнатост и силен музички израз. И повеќе од еден век подоцна, „Тоска“ останува едно од најизведуваните оперски дела — силна приказна во која личната судбина се судира со моќта, љубовта и трагедијата.

Со изведбата ќе диригира гостинот од Полска, Марчин Наленч-Њесјоловски, додека режијата е на Огњан Драганов од Бугарија. Сценографијата ја потпишува Зоран Николовски, костимографијата Марија Пупучевска, хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во насловната улога на Флорија Тоска ќе настапи Марија Јелиќ од Србија, во улогата на Каварадоси ќе се претстави Милен Бошков од Бугарија, а ликот на Скарпија ќе го толкува Иван Инверарди од Италија. Во останатите улоги ќе настапат Владимир Саздовски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски и Десанка Глигоријевиќ, придружувани од хорот и оркестарот на Националната опера и балет.