Концерт „Пролетен поздрав од Австрија – бисери на класичната музика“ на Македонската филхармонија
Оркестарот на Македонската филхармонија в среда во 20 часот ќе одржи концерт насловен „Пролетен поздрав од Австрија – бисери на класичната музика“, кој се реализира во соработка со Австриската амбасада во Скопје.
Како што соопштуваат од Филхармонијата, под диригентската палка на Елизабет Атл од Австрија, како солист ќе настапи австрискиот виолончелист Јеремијас Флидл. На програмата ќе бидат изведени увертирата „Розамунда“ од операта „Волшебната харфа“ од Франц Шуберт, Концертот за виолончело и оркестар бр. 1 во Це-дур од Јозеф Хајдн и Симфонијата бр. 8 во бе-мол, позната како „Недовршена“, од Франц Шуберт.
– Диригентката Елизабет Атл своето музичко образование го започнала на Високата музичка школа во Виена, по што студирала диригирање кај Џејмс Мур, Мајкл Гилен и Леополд Хагер. Нејзината кариера вклучува ангажмани во Виенската национална опера, како и настапи со бројни европски оркестри, меѓу кои Филхармонскиот оркестар на Луксембург, оркестрите на Германската и на Комичната опера во Берлин, како и повеќе симфониски ансамбли од регионот. Од 2023 година соработува со виенскиот оркестар „Orchesterverein der Gesellschaft der Musikfreunde“, каде што од 2024 година е главен диригент. Овој ансамбл редовно настапува во реномираната „Златна сала“ на Виенскиот музички центар. Воедно, од 2021 година Атл предава како виш уметник на Виенскиот музички универзитет (MDW) – стои во соопштението.
Солистот Јеремијас Флидл, роден 1999 година во Клагенфурт, се етаблира како еден од најбараните австриски виолончелисти. Досега настапувал на реномирани фестивали и со значајни европски оркестри, меѓу кои Бриселската филхармонија и Националниот оркестар во Лион. Тој е првиот австриски виолончелист прогласен за лауреат на натпреварот „Кралица Елизабета“ и свири на инструмент изработен од Антонио Страдивари во 1693 година. Неговиот дебитантски албум „Transformation“, издаден во 2024 година, е високо оценет од музичката критика како „раскошна гозба од тембри на виолончело“, „брилијантен“ и „волшебен“.