Општина Гази Баба гради четири нови детски градинки: Ќе нема повеќе листи на чекање
Општина Гази Баба продолжува со инвестиции во предучилишното образование преку изградба на четири нови детски градинки, со цел да се обезбедат повеќе места за згрижување на децата и да се намали недостигот од капацитети.
Првиот човек на општината Бобан Стефковски информираше дека изградбата на градинката во Трубарево е целосно завршена и веќе згрижува 60 деца. Во Инџиково, пак, градежните работи се во завршна фаза, а новата градинка со капацитет за 50 деца наскоро треба да ги отвори своите врати.
Во населбата Маџари – Керамидница интензивно се гради најголемата нова градинка во општината, која ќе има капацитет за 150 деца, додека во Сингелиќ во скоро време треба да започне изградбата на уште една современа детска градинка.
Од Општина Гази Баба посочуваат дека со реализацијата на овие четири проекти ќе се создадат услови за згрижување на значително поголем број деца, а целта е да се укинат листите на чекање за упис во градинките.
„Продолжуваме со дела, затоа што најголемата инвестиција што можеме да ја направиме е инвестицијата во нашите деца“, порача Стефковски.