Културна титула, некултурна намера
Културната титула треба да носи достоинство, отвореност и европска мерка, додека пак некултурната намера почнува кога зад неа се бара простор за трошење 21 милион евра без целосна јавна контрола. Обидот во Собранието „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“ да се турка низ „посебен модел“ е удар врз самата смисла на проектот. Тоа што треба да биде европска приказна за културата, градот и уметниците, власта го претвора во сомнеж за нетранспарентно трошење на јавни пари, сподели на својот ФБ пост, поранешниот вицепремиер за економија, пратеникот Фатмир Битиќи.

„Ова е сквернавење на културата, затоа што културата не е параван за финансиска самоволност. Културата е јавна вредност, простор на доверба, творештво, слобода и одговорност. Кога под нејзино име се бара заобиколување на системските правила, тогаш не се гради европска културна сцена, туку се произведува политичка декаденција под една свечена етикета.
Европскиот културен контекст се мери со интегритетот на институциите, со видливоста на секој потрошен денар, со фер конкуренција и со доверба дека јавниот интерес е над партискиот апетит. Но, власта сака европски престиж, но бега од европска дисциплина.
По „Скопје 2014“, секој одговорен политичар треба да знае дека големите симболи без контрола стануваат скапи докази за апсолутна неодговорност. Тој проект не остави само финансиска сметка, туку и културна рана, односно јавниот простор беше претворен во идеолошка сценографија, а градската меморија во партиски конструкт. Затоа „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“ не смее да тргне по пат што повторно ќе ја понижи културата под товарот на авторитарниот и нетранспарентен карактер на власта.
Скопје заслужува европска културна зрелост!, напиша Битиќи.