„63/63“ на Џепароски и Алушевски- силен омаж на скопскиот земјотрес (фото)


Врвната поезија и лично доживеаната фотографија, синоќа се сретнаа на автентичната промоција во Сули ан, во рамки на „Скопско лето,  посветена на 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година .
 
 
Поетската антологија, подготвена од проф. д-р Иван Џепароски, обединува избрани творби од македонски и странски автори посветени на Скопје и неговата меморија, а Проектот е надополнет со фотографиите на Сашо Алушевски, кои преку визуелен јазик сведочат за архитектонското наследство што го преживеало земјотресот.
 
 
Во  два циклуса – „Историја, урнатина, тажачка“ се донесуваат на увид шеснаесетте песни на исто толку застапени автори: Ацо Шопов, Радован Павловски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ, Димитар Башевски, Иван Џепароски, Виолета Танчева – Златева, Нусрет Дишо Улку, Александар Поповски, Љупчо Стојменски, Лазо Каровски, Павао Вук-Павловиќ и Јуре Каштелан.
 
 
„Структурата на Антологијата „Скопје 63/63“ потврдува дека изборот бил направен со многу внимание и чувство на естетските финеси на стиховите и со стремеж да се опфатат мотивските нијанси поврзани со потресната историја на Скопскиот земјотрес. Одбраните стихови ја манифестираат уметничката преобразба на трауматското искуство, преку која интимните доживеалици од страшниот настан се преточуваат во трајна културна меморија за градот Скопје. Песните од автори со разновидни поетики и стилски карактеристики покажуваат како естетски валидната поезија ги меморира конкретните историски мигови на еден град, истовремено зрачејќи и пренесувајќи ги кон идните генерации и кон читатели кои не му припаѓаат буквално на овој простор. Преку квалитетно уредената и разнообразна антологија „Скопје 63/63“ на најубав начин се сочувуваат и актуелизираат пораките на сплотеност, емпатија, солидарност и ентузијазам, втиснати во сугестивните стохови на македонските и (хрватските) поети од различни книжевни генерации, истакна синоќа во својот инспиративен говор, промоторката , проф.д-р Соња Стојменска-Елзесер. 
 
 

Фотографската изложба „63 Слоеви на сеќавањето” опфаќа триесетина фотографии и претставува лична авторска интерпретација на Скопје како простор во кој минатото и сегашноста постојано се преплетуваат. Низ фотографиите се отвораат асоцијации за времето, сеќавањата, насобраните конотации и симболите што со децении се таложеле околу градот и неговите објекти.

Делата повикуваат на размислување за носталгијата, за променетите интерпретации и новите значења што архитектурата ги добива со текот на времето, но и за неизбежните промени што ги носи современиот урбан развој. Посебно место во изложбата имаат фотографии кои се изработени со посебна техника така што под дејство на сончевата светлина со текот на времето постепено ќе исчезнат —метафора за Скопје кое полека се менува својот лик.

Џепароски, истакна дека сите вклучени во проектот, работеле про боно, и Антологијата синоќа се делеше бесплатно за гостите. 

Л. Сабит
Фото : PS visualart