Пијанистката Кристијана Пегораро ќе ја одбележи Италијанската вечер на „Охридско лето“
Програмата на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со Италијанската вечер, на која ќе настапи една од најистакнатите пијанистки на денешницата, Кристијана Пегораро.
Опишана од „Њујорк Тајмс“ како „уметница од најголем калибар“, Пегораро настапува во најпрестижните концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка, на Блискиот Исток, во Азија и Австралија.
Во својата богата кариера свирела пред италијанските претседатели Серџо Матарела и Карло Азељио Кјампи, како и пред лидери во Собранието на Обединетите нации, гувернерот на Њујорк, војвотката од Луксембург и други високи државни претставници во Италија, Канада и Австрија.
Нејзината дискографија опфаќа 34 носачи на звук, а за албумот со танго-композиции од Астор Пјацола е добитничка на Златен медал на Глобалните музички награди во Калифорнија.
Пегораро е носител на повеќе од 50 меѓународни награди и признанија. Во 2019 година ја доби престижната награда „Белисарио“, доделена на церемонија што ја пренесуваше италијанската телевизија РАИ. Неодамна, округот Вестчестер во американската држава Њујорк го прогласи 28 март за Ден на Кристијана Пегораро.
Италијанската вечер на фестивалот „Охридско лето“ се реализира со поддршка на Италијанската амбасада во земјава.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. На програмата се избрани дела за пијано на Росини, Бах, Шуберт, Шуман, Бетовен, Вивалди, Вебер, како и сплет традиционални наполетански песни.