Нешто се прави на Универзална (фото)
Мајстори однадвор ја бојадисуваат и прават други зафати на челичната конструкција. Од внатре се слуша звук на механизација. Проектот Универзална , симбол од постземјотресниот период кој буди емоции кај сите скопјани и во Македонија, конечно добива на динамика по долгиот период на застој и „перипетии“ од минатото, но и пожар во тек на реизградбата.
Фокусот е ставен на финализирање на објектот пред почетокот на проектот „Европска престолнина на културата“, каде Скопје мора да ги заокружи сите инфраструктурни објекти до 2028 година. Реконструкцијата на Универзалната сала треба да заврши до декември 2027 година, со што целиот проект ќе чини 20 милиони евра. Ова е клучен проект во рамките на подготовките на Скопје за носењето на престижната титула – Европска престолнина на културата 2028.

Реализацијата на проектот, по принципот „клуч на рака“, ја води Владата преку Министерството за култура и туризам, а Град Скопје ќе ја преземе Универзалната сала по нејзиното завршување, при што ќе обезбедува логистичка поддршка во текот на изградбата.

Според најавите, Универзалната сала по завршувањето ќе прерасне во објект со современ изглед, каде граѓаните повторно ќе можат да уживаат во културни настани.
Универзалната сала се гради според последно презентираниот проект од страна на претходниот министер за култура и туризам Зоран Љутков, со модификации кај сцената и во административниот дел, а целокупно ќе го задржи својот оригинален изглед. (Л.С.)