Свршувачка на „Илинденски денови“ во Битола: Пејачот Никола Зацески ја побара за жена играорката Наталија Цветкова
Свршувачка го одбележа вториот натпреварувачки ден на Фестивалот „Илинденски денови“ во Битола кога по настапот на Фолклорниот ансамбл „Битола“ од Битола, пејачот и игроорец Никола Зацески изваде веренички прстен и на големата сцена на платото пред Офицерскиот дом во Битола ја побара за жена играорката Наталија Цветкова, негова долгогодишна љубов.
Самиот чин на запросување предизвика бура од позитивни реакции кај многубројната публика, особено што и двајцата млади беа облечени во традиционална македонска носија.
Зацески ја побара раката на Наталија на самата бина, клекна на колено го подаде вереничкиот прстен, а таа со солзи радосници падна во неговата прегретка. Публиката беше сведок на нивниот бакнеж и среќа.
Првите честитки за запросувањето, младите ги добија од директорот на Центарот за култура во Битола, Сашо Илковски, организатор на „Илинденски денови“ 2026.
„Вечерва, покрај песната, играта и традицијата, точка на поврзување беше љубов. Oд срце им честитаме на младите Никола и Наталија за овој прекрасен чекор. Нека прстенот што вечерва беше подарен биде симбол на вечна љубов“, честиташе Илковски.
Никола Зацески е познат македонски пејач и музичар од Битола, и е омилен на публика по неговите изведби на народна и забавна музика и особено по неговото оперско пеење. (А.Б.)