Костадиновска-Стојчевска: „Скопје 2028“ е ново „Скопје 2014“


Скопје ја победи црногорската Будва во 2023 за Европски град на културата за 2028. На церемонија во Домот на европската историја во Брисел, присуствуваа тогашната  градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска и други учесници кои ја подготвуваа апликацијата.Главниот концепт на кандидатурата беше „Culture over Division“ – култура над поделбите.

Скопје ја поднесе кандидатурата за европска престолнина на културата во 2018 година во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, а тогаш министер за култура беше Роберт Алаѓозовски.

Во истата година, ќе има уште две европски престолнини на културата, една во Република Чешка (Бромув и Будвајс се најдоа во потесниот избор во октомври 2022 година) и една во Република Франција (Клермон-Феранд, Монпеље, Руен и Бурж).

Предлог-законот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ предизвика реакции уште пред да започне денешната собраниска расправа. Спорен е начинот на кој е предвидено да се управува со проектот и со јавните средства, особено поради предложеното основање посебна фондација која би била одговорна за реализацијата и можноста таа да има посебен режим во однос на постојните правила за јавни набавки.

Или, додека предлагачите сметаат дека посебниот закон е неопходен за ефикасна реализација на европскиот проект, критичарите бараат дополнителни гаранции дека титулата нема да стане причина за намалување на контролата врз трошењето на јавните пари.

Опозициските партии СДСМ и Левица го оспорија предлогот, додека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) предупреди дека секое ограничување или исклучување на примената на системските закони, особено Законот за јавни набавки, мора да биде детално образложено и проследено со силни механизми за контрола.

Поранешната министерка за култура и актуелна пратеничка Бисера Костадиновска-Стојчевска, во разговор за Рацин.мк вели дека изземањето на проектот Европска престолина на културата – Скопје 2028 од Законот за за јавни набавки и предлогот за нов закон кој ќе го одобри тоа навестува дека ЕПК Скопје 2028 е ново Скопје 2014.

Таа укажува дека структурата на раководењето и управувањето со Фондацијата веќе беше поставено и не предвидуваше вакво изземање на ЕПК Скопје 2028.

Во прилог на тоа, Костадиновска-Стојчевска наведува како беше регулирано во европски престолнини споредба со македонскиот предлог закон.

„Во најголем дел од европските престолнини на културата не се носи посебен закон. Проектот најчесто се реализира преку постојното законодавство, а се формира независна фондација или непрофитна организација која работи според општите закони на државата“, посочува поранешната министерка во чиј мандат беше добиена кандидатурата Скопје да биде Европска престолнина на културата, откако претходната градоначалничка на градот Данела Арсовска го доведе во ризик проектот.

Костадиновска-Стојчевска укажува на праксата на другите градови и потсетува на примерот на неколку од последните изданија на овој европски проект.

Во 2020 година, Риека не формираше фондација, туку трговско друштво и проектот се реализираше без донесување посебен закон што би ги исклучил јавните набавки или урбанистичките процедури.

Во Нови Сад (2022), во Србија проектот го спроведуваше фондација основана од градот, но продолжија да се применуваат редовните закони за јавни набавки, буџетско работење и градење.

Во Елефсина, во Грција во 2023 организацијата функционираше преку посебно правно лице, но без општо исклучување од административните постапки.

Во Темишвар, во Романија во 2023,проектот го водеше здружение/асоцијација, а јавните средства се трошеа согласно националното законодавство.

Костадиновска-Стојчевска укажува и на тоа дека постоечкиот Закон за јавни набавки има предвидено поедноставени административни услови, но очигледно е дека ниту тоа не му било доволно на организаторот

„Предлог законот Проектот Скопје европска престолнина на културата 2028  создава посебен закон само за еден проект, воспоставува посебен режим на набавки наместо примена на општиот Закон за јавни набавки, кој во себе има предвидено поедноставени административни постапки и кратки рокови, а во одредени случаи и правило дека непроизнесувањето на органот се смета за позитивно мислење“, посочува поранешната министерка и пратеничка Костадиновска-Стојчевска.

Таа укажува и на уште една опасност.

„Она што е највидливо за жал, во ова предлог решение е дека никаде ги нема уметниците! Никаде не е наведен ни уметничкиот тим кој ја припремаше апликацијата, ниту тимот кој ја бранеше кандидатурата во 2023 во Брисел, туку има само политички фигури со што се отвара можноста за политичко влијание.Тоа е и поскандалозно од член 21 каде се исклучува законот за јавни набавки. Отсуството на уметниицте, креаторите, и веќе усвоените проекти во Бит Бук-от во 2023та е уште по тажно“, оценува Костадиновса-Стојчевска.

Таа предупредува и на можноста кандидатурата да биде одземена зашто веќе две години Скопје нема покажано никаква активност на овој план, освен овој според предлог-закон.

„Две години ексминистерот Љутков шеташе по светот во име на ЕПК 2028, а всушност не направи ништо“, смета поранешната министерка за култура и актуелна пратеничка Бисера Костадиновска-Стојчевска, во разговор за Рацин.мк.

Што вети Скопје за да ја добие титулата, а што менува новиот закон за „Скопје 2028“

Скопје ја доби титулата Европска престолнина на културата за 2028 година врз основа на конкретен документ, конкретна програма и конкретни ветувања.Тој документ се вика Bid Book. Во него Скопје не вети само концерти, изложби и свечени отворања. Вети модел на управување. Вети финансиска конструкција. Вети автономна фондација, европски стандарди, вети професионализам. Вети култура ослободена од дневната политика, анализира Трн.мк.

Од 125 милиони до 21 милион евра

Во Bid Book-от беше проектиран оперативен буџет од повеќе од 125 милиони евра. Само за културната програма беа предвидени околу 90 милиони евра. Град Скопје се обврза на 20 милиони евра, а останатите средства требаше да дојдат од државата, општините, европските фондови и приватниот сектор. Во јавноста сега се зборува за законска рамка вредна околу 21 милион евра. Разликата не е мала. Не станува збор за погрешно пресметана ставка или за неколку милиони повеќе или помалку. Станува збор за целосно различен финансиски обем.

Каде исчезнаа повеќе од 100 милиони евра?

Дали програмата е намалена? Дали дел од проектите се напуштени? Дали државата се откажала од финансиските обврски? Дали европските пари никогаш не биле реално обезбедени? Дали Bid Book-от бил реален план или убаво напишана апликација потребна само за да се добие титулата?, анализира Трн.мк.

Зошто законот се носи по скратена постапка?

Скопје ја доби титулата во 2023 година. До 2028 има уште време. Сепак, тешко е да се објасни зошто закон за проект од вакво културно, финансиско и европско значење се носи по скратена постапка, без широка јавна дебата, се прашува Трн.мк.

Зошто јавноста треба да дознае за моделот откако законот веќе е во Собранието?

Скопје 2028 требаше да биде најголемиот културен проект во современата историја на градот (па и државата). Наместо тоа, неговата институционална архитектура се носи како административна итност со шверцерски манир. Културата над поделбите, очигледно, не подразбира и учество на јавноста која е надвор од затворените политички, партиски кабинети, поентира Трн.мк.