Галичник Треил Ран 2026: 220 тркачи на планините на Галичник
Во Галичник задутре ќе се одржи второто издание на Галичник Треил Ран, во организација на здружението „Патеки на Мијачијата“.
И годинава трката нуди две патеки, наменети за различни нивоа на подготвеност. Медена Треил – предизвик од 20 километри и 1.200 метри висинска разлика, како и Говедарник Треил – пократка, но динамична траса од 8 километри со 600 метри висинска разлика. Двете патеки минуваат низ атрактивните планински предели околу Галичник, овозможувајќи им на учесниците, покрај спортскиот предизвик, да уживаат и во природата и пејзажите на Мијачкиот крај.

– Интересот за трката продолжува да расте. По првото издание во 2025 година, на кое учествуваа 183 тркачи, годинава се пријавени 220 учесници, што е уште една потврда дека планинското трчање и активниот туризам добиваат сè поголем интерес кај домашните и странските љубители на планината, велат организаторите.
Според нив, Галичник Треил Ран е замислен како спој на спортот, природата и богатото културно наследство на Мијачкиот крај.

– Со својата локација, планинските предели и традицијата на Галичник, трката има амбиција да придонесе кон промоцијата на регионот како дестинација за активен туризам и планински спортови, додаваат од здружението.
Настанот е поддржан од Општина Маврово и Ростуше, Национален парк Маврово, МЦМС, како и повеќе компании.